Кога Марти ја свиреше песната „Џони Б. Гуд“ од Чак Бери на крајот од култниот филм „Враќање во иднината“, беше изненаден кога ги виде збунетите и навредени лица на толпата. Во тој момент, тој сфати дека свири рокенрол песна која што беше малку премногу модерна за публика од 1955 година и рече „Претпоставувам дека сé уште не сте спремни за ова. Но, вашите деца ќе го обожаваат“.
Таа сцена ме потсети на политиката на проширување на ЕУ кон земјите од Западен Балкан, речиси 30 години по распадот на Југославија и ветувањето до сите земји од регионот да бидат дел од ЕУ.
Додека Чак Бери пееше, „неговата мајка му рече – еден ден ќе бидеш маж… можеби еден ден твоето име ќе биде во светлата, велејќи Џони Б. Гуд вечерва“. Оваа година, тие соништа отидоа еден чекор понапред за Северна Македонија во месец март, со зеленото светло на Европската комисија за започнување на пристапни преговори, пред да бидат повторно уништени. Како дежа ву, тоа беше еден сосед кој донесе токлу лоши вести, овој пат Бугарија преку употребата на вето на одлуката на ЕУ за започнување преговори со земјата.
Бугарските негодувања за влегувањето на Северна Македонија во преговарачкиот процес имаат многу мала (никаква) врска со објективните, нормативни критериуми поставени од страна на ЕУ во однос на подготвеноста на земјата за овој процес. Наместо тоа, приговрите се од историска и идентитетска природа. Имено, Бугарија тврди дека потеклото на македонската нација е бугарско, а дека македонскиот јазик е всушност бугарски дијалект. Исто така, барањата се ова да биде официјално признато од страна на државата, заедно со одрекување од било какви тврдења дека постои посебно македонско малцинство во Бугарија. Двете земји потпишаа Договор за добрососедство и соработка во 2017 година, кој не содржи било кое од горенаведените барања, но беа усвоени во бугарскиот парламент како дел од декларација по потпишувањето на билатералниот договор. Бугарија, исто така, настојува овие барања како и патоказ за имплементација на Договорот за добрососедство да бидат вклучени во преговарачката рамка, за што ќе биде потребно дополнително поглавје во рамката, Број 35.
„Ова е тешко!“ – вели Марти повеќе пати во трилогијата.
По 28 години, Северна Македонија и Грција успеаја во 2019 година да затворат долгогодишен спор за името на земјата. Процесот беше болен, но неопходен за Северна Македонија да го зацрта патот кон членство во НАТО (што се случи во март 2020 година) и ЕУ (кој знае кога?!). Парадоксот на овие два спора е во тоа што Грците беа многу упорни во нивната желба да докажат дека нема никаква врска меѓу нациите, дека тие се посебни, јазикот што го зборуваат, дека културното и историското потекло е различно. Сега, Бугарите сакаат да го докажат токму спротивното, дека „сите сме исти“. Декларираната заложба на Бугарија да има улога на регионален лидер и поддржувач за земјите од Западен Балкан да влезат во ЕУ се помести во чисто национален интерес против добрососедските односи и вредности и принципи на ЕУ.
Вистинскиот проблем тука е тоа што ЕУ останува немоќна да го надмине овој застој и да го попречи бугарскиот обид да го прикаже ова како прашање на ЕУ, а не само како бугарско прашање. Ветото претставува закана на повеќе фронтови: за интеграција на Северна Македонија во ЕУ, за стабилноста на регионот и за кредибилитетот на ЕУ да ги исполни ветувањата во однос на регионот на Западен Балкан. Со отворен спор и дијалог меѓу Белград и Приштина во однос на прашањето за Косово, ЕУ и понатаму ја слабее позицијата во регионот како кредибилен партнер, повлекувајќи се од своите интереси на Западен Балкан.
За Северна Македонија е неприфатливо да биде присилена да прави отстапувања во тој однос. Комисијата за историски прашања[1] формирана за наоѓање факти за заедничката историја меѓу Северна Македонија и Бугарија требаше да работи кон градење на доверба, а досега нема успеано во тоа. Понатаму, Преспанскиот договор, со кој се реши спорот со Грција, се заснова на ветувањето за членство на земјата во ЕУ [2].
Немањето воопшто изгледи ова некогаш да се случи би ја замрзнала или разнишала имплементацијата на тој договор, што би можело да доведе до дестабилизација на односите меѓу Северна Македонија и Грција – уште една закана за стабилноста на регионот. За жал, многу е веројатно дека ова ќе ја зголеми националистичката реторика на двете страни, што е „добриот стар балкански рецепт“ за соседски односи.
Како заклучок, малку е веројатно дека ќе се повлече ветото до крајот на годината. Многу остри изјави се дадени, а очигледно нема добра волја за конструктивни разговори или преговори сега. Но, тоа што е апсолутно неопходно е Европската комисија, мнозинството на Европскиот совет, но и Претседателството на Советот да ја убедат својата членка да се повлече од непријателскиот наратив кон својот сосед и наместо тоа да биде конструктивна во однос на предвидената политика за проширување на Унијата. А тогаш Марти би рекол „Одлично Скот!“.
[1] Македонско-бугарската заедничката комсија за историски и образовни прашања е создадена во рамките на Договорот за добрососедство и соработка и има за цел да одлучува за заеднички чествувања на личности и настани од заедничката историја на двете нации, помагајќи да се надминат различните толкувања.
[2] Преспанскиот договор стави крај на 29-годишниот спор за името Македонија меѓу Грција и Северна Македонија, што претставуваше предуслов да се одблокира патот кон ЕУ членство за земјата.
Овој блог го изразува личниот став на авторот и не е дел од Патот до Варшавскиот Безбедносен Форум: Програма за Западен Балкан