„Започната е иницијатива, веќе има проактивност од Министерството за правда, течат и консултации со медиумските здруженија, ги повика министерот Маричиќ новинарите претставени преку нивните здруженија, синдикатите, да бидат активно вклучени во овие разговори со цел измена на кривичниот закон, со цел заштита на новинарите односно запирање на неказнивоста кога е во прашање нападот врз новинари. Ние сме влезени во таа постапка, што заврши дебатата ќе се случи измената на кривичниот законик, односно тоа подразбира измени во одредени кривични дела од потежок облик се разбира доколку делото е сторено против новинар, поентата е казните да бидат построги кога е во прашање напад врз новинар“- изјави Марјан Забрчанец, национален координатор за стратегиски комуникации, во Студио 10, на телевизија 24.
Истакна дека Владата никогаш немала, ниту пак ќе има намера да ги замолчува новинарите, напротив, интенцијата е да се застане на нивна страна.
„Не мислам дека е тенденцијата ниту намерата да се замолчуваат новинарите, или помалку да се зборува за вакви случаи, напротив оваа емисија и тоа што постојано се покрева прашањето, и тоа што премиери ги коментираат овие случаи, и тоа јавно Владата ги повикува обвинителствата да постапуваат бидејќи МВР веќе постапила го докажува спротивното. Ние ќе застанеме со сите наши капацитети во одбрана на интегритетот на новинарите, сме го направиле тоа и до сега многу пати, и ќе продолжиме да го правиме бидејќи ова општество може да оди напред како што оди напред во овие три години исклучиво доколку имаме новинари ослободени од притисоци, особено од центри на моќ“- изјави Забрчанец.