пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Листајќи ја грандиозната „Празна плоча“ на Стивен Пинкер, налетав на ново толкување на заостанатоста на Балканот.
Верата (православието) и расата (словенството) од толкувањето на Тодорова, тука се заменети со географијата.
Интересно, не нужно и точно.
Темата ми се виде банална, но најновите демонстрации на примитивноста, ми ја разбудија љубопитноста.
Ајде да видиме за што станува збор.
Евроазија е, според Дајмонд и Стоуел, големо гравитациско подрачје на локални иновации. Трговците, патниците и освојувачите можат да ги собираат и шират, а народите кои живеат на крстосниците на патиштата, можат да ги концентрираат во високотехнолошки пакети. Освен тоа, Евроазија се протега во правец исток-запад, а Африка и Америка во правец север-југ. Земјоделските култури и припитомените животни, лесно можат да се шират долж линиите на земјовидната ширина, кои се истовремено и линии на слична клима. Но, многу потешко можат да се шират по линијата на географската должина, каде неколку стотини километри можат да значат разлика помеѓу умерена и тропска клима. Коњите, припитомени во азиските степи, можеле да продрат на запад во Европа и на исток во Кина, но ламите и алапаките, припитомени во Андите, никогаш не стигнале на север. „Културата“ на кој и да е освојувачки народ од Европа, всушност, е збирка на најголемите хитови меѓу иновациите собрани низ многу илјади години и на подрачје од многу илјади километри. Но, нужно изолираните култури на Австралија, Африка и двете Америки, морале да се снаоѓаат само со неколку свои технолошки откритија и затоа не можеле да им се спротивстават на плуралните освојувачи. Дури и внатре во Евроазија и (покасно) Америка, културите кои биле изолирани со планински рељеф, на пример во горскиот предел на Апалачиан, на Балканскиот полуостров или на шкотските висорамнини, со векови заостанале во споредба со големата мрежа на народи околу нив.
Што да се каже, драги мои: ако авторите мислеле дека рељефот имал влијание врз културните капацитети, односно врз (не)моќта светските иновации да се концентрираат и операционализираат, тогаш океј. Но, рељефот како физичка пречка-не. Минувале тука патишта, империи, цивилизации и култури, Балканот никогаш не бил отсечен физички. Макар што конјунктурните трансферзали се поместувале и го фрлале во сенка, но физички изолиран никогаш не бил во смисла која може да го образложи заостанувањето со векови.
Еве, земете ја блокадата на Софија.
Тоа не е акт кој ќе го заостане регионот, мислам и Македонија и Бугарија и сите околни народи и држави, затоа што е голем ридот на Деве Баир, туку затоа што е голема блокадата во главата на луѓето. Софија е во центарот на цивилизацијата (ЕУ), но не е во состојба да го разбере интерполацискиот алгоритам на историјата и своето место во тој низ, Захариева го симболизира плафонот, а Каракачанов дното на тоа неразбирање, додека Македонија е на периферијата на таа цивилизација, но како општество не успева да ги усклади своите амбиции со потребата да се менува. И така, капка по капка глупост, па капка по капка време и ете го одговорот на прашањето како е роден стереотипот за балканското заостанување и за балканската примитивност.
И за нашата тажна стварност.
Во која излегувам рано.
Пред шест.
Во темницата на зимското утро, шпартаме со Мајло низ ливадите околу „Пулевски“.
Како другари кои се враќаат од ноќна смена.
Или пијандури од некој паб.
Го слушаме обраќањето на мујезинот откај Чаир.
И звукот на првите автомобили по булеварот АСНОМ.
Биглот ми се возбудува на појавата на првите ранобудници во далечината и завива, па лае, па, пак завива.
Додека да се огласам јас, потоа престанува и оди да сере на првото дрво. Не пушта ништо да му падне на земја. Бледа пареа излегува од топлото кучешко говно и дава свој придонес во обликувањето на уште еден почеток.
Внимавам да не налетам на некоја корона.
Носам маска.
Дистанцата ми ја обезбедува терминот.
Растојанието од сиот усран свет пружа феноменално чувство.
И тишината прошарана со ретки звуци кои само ја потенцираат.
Но, се случува да ме зграпчат претставници на човеколиките корони.
Комшии, пријатели, познаници, луѓе што ме знаат од социјалните мрежи.
И кои никогаш не ја пропуштаат приликата да ми се нафрлат со теми и прашања кои ги обележиле нивните животи во претходната ноќ.
Излегуваат од грмушките во кои како да ме чекале цела ноќ и се вклучуваат на деветка.
„Комши, комши, а, бе, ја гледаше ли сношти будалата од вмро, па кај го има тоа, бе, комши, па тој е скроз луд.“
„Не го гледав него, но сега те гледам тебе и можам да замислам како изгледала таа забавна возбуда.“
„Мислиш дека и јас сум луд?“
„Не, ти не си луд, ти си како говното на моето куче, но не залепено на оној багрем туку залепено за лудакот, залепено за екранот од кој ти се обраќа лудакот и додека ти се нервираш или свршуваш, тој ти ги мести ретките неурони и си го везе вилеровиот гоблен ‘Коњи на поило’, ти со коњ, комши, везен коњ, телевизорот е демократски изум, имаш канали, имаш провајдери, имаш далечински, проблемот не е кај тој лудак, туку кај тебе, во твојата неспособност да ја препознаеш опасноста од лудакот и во страста да го естрадизираш, во недостиг на ништо друго, да го имаш како тема, како легитимациски код на сопственото општествено значење, на сопствената информираност инфериорност и став, зошто мислиш дека имаш право да ми го ебеш денот, на поп исповедник ли ти личам, пријатно.“
Тој гард ме спасува од заразата што ја шири проливот со кој општеството ме прска во немоќта да го разбере времето и себе си во времето.
Ото Јасперсен има елементи на расизам и национализам, дури и на сексизам во својата глорификација на англискиот јазик и во општата теорија за јазикот, но јас сум спремен да се согласам со неговата основна теза: каков јазик-таква нација!
Сите јазици ги плафонираат луѓето, македонскиот јазик ги плафонира најниско!
Оваа тема сум ја покренувал многу пати, но без одгласи.
Анте Поповски го слушав во едно претсмртно интервју на Радио Скопје кај што ја допре темата за ограниченоста на јазикот говорејќи за лимитите кои произлегуваат од фиксацијата на акцентот. Јас сум спремен да ја образлагам ограниченоста и преку сите други елементи: фонетски, синтаксички, граматички, лексички, фразеолошки. И дека таа ограниченост не е само изразна и естетска категорија, туку дека ја одредува спознајната капацитираност на луѓето.
Македонскиот е мелодичен јазик, прост во својата суштина, вокален, отворен кон себе, бинарен, јазик на доброто и злото во своите елементарности, без смисла за изразување на финеси и особено на испрекршености, на апсурди и парадокси, тоа е јазик на битовата драма преку која нема сила да допре до шекспирските филозофеми.
Блаже го кодифицира јазикот, но неговиот јазик почна да не ебе и да не ни дозволува да работиме со проектите на новото време.
Тој за македонскиот не е тоа што е Вук за српскиот јазик, но, сигурно е нешто што мора да се пробие, да се надвиси, самиот тоа би сакал да се случи, го знам човекот.
Се покажува дека македонскиот, просто, нема доволно гигабајти за сложеностите пред кои се исправени луѓето.
Децата се раѓаат хендикепирани.
Не јазички.
Спознајно.
Јазикот ни е како воздушна пушка во војната со тенкови.
Што да се прави?
Не знам.
Но свеста за овие работи не е отповеќе.