Велика Британија денеска соопшти дека и покрај застојот на товарниот сообраќај поради блокираните граници, храна има во изобилство и оти луѓето не треба да се грижат дека може да дојде до недостиг во продавниците пред божиќните и новогодишните празници.
Двата најголеми ланци на супермаркети Теско и Сајнсбери вчера предупредија дека полиците полека ќе останат празни доколку наскоро не се воспостави товарниот сообраќај на една од најважните трговски рути во Европа.
Повеќе од 40 земји привремено ги затворија границите за стоки и патници од Велика Британија, откажувајќи ги летовите од земја поради брзото ширење на нов вид на коронавирус.
– Не мислам дека некој треба да биде загрижен, во нашите продавници има изобилство храна, рече министерката за внатрешни работи Прити Пател.
Поради строгите рестриктивни мерки поврзани со пандемијата на Ковид-19, особено со затворањето на угостителството, британските супермаркети бележат рекордна побарувачка пред Божиќ и се стравува од панично прекумерно купување намирници.
– Граничните премини треба да бидат отворени од утре за да бидете сигурни дека нема нарушување на товарниот сообраќај, рече Ендру Опи, директор за храна и одржливост на британскиот малопродажен конзорциум (БРЦ), истакнувајќи дека во спротивно може да дојде до недостиг на салати, зеленчук и овошје, вклучувајќи малини и јагоди.
Иако денеска се формираат долги редици пред супермаркетите низ цела Велика британија, продавачите тврдат дека не гледаат никаква промена во навиките на клиентите и оти треба да се има предвид дека ова се најпрометните денови за купување.
Исто така, поради протоколите за заштита од Ковид-19, во супермаркетите веќе не може да има неограничен број купувачи како порано.