Во септември оваа година ќе се одржи првата цивилна вежба на НАТО-координативниот евроатлантски центар за одговор на катастрофи (Euro-Atlantic Disaster Response Coordination Centre). Вежбата првично требала да се одржи лани во септември, но терминот е поместен. Во неа ќе учествуваат сите земји членки, земји од програмата Партнерство за мир, од Медитеранскиот дијалог. Станува збор за некаде од 1 500 до 2 000 учесници и за прва ваква вежба во земјава од цивилен карактер.
– Она што планираме и што е интересно е дека Главниот штаб дотогаш ќе работи комплетно дигитализирано. Значи, ова е еден процес каде што всушност со НИКС или преку НИКС го дигитализираме системот за управување со кризи во однос на командување, координација, соработка и комуникација и уште повеќе она што ние планираме е при финалната планирачка конференција, којашто е планирана во мај, третата декада од мај, планираме и тимовите коишто ќе пристигнат од НАТО да ги обучиме дел во мај и дел во септември пред самата вежба, така што планираме и НАТО-тимовите коишто ќе пристигнат во Република Северна Македонија да работат на истиот систем, да го употребуваат истиот систем, појаснува Вејсели.
Нагласи дека тоа ќе значи дека ако досега пренесувањето информации одземало некаде час до час и половина, сега тоа ќе се прави за минута – минута и пол и тие што треба да донесат одлука точно ќе гледаат на мапа што се случува, каква е ситуацијата.
– Имено, системот покрај слики, видео, овозможува и видеопренос. Значи, со еден обичен паметен телефон да може директно преку видеопренос да пренесе каква е ситуацијата на теренот, особено ако се работи за пожар да прикаже и што е зафатено, како е зафатено, директно, сè со цел за да се донесе брза и правовремена одлука, којашто спасува човечки животи. Тоа е целта. Значи, дигитализацијата и имплементацијата на НИКС има цел има нашите граѓани да бидат што побезбедни, службите да работат поефикасно и граѓаните да бидат побезбедни, вели Вејсели во разговор за МИА.
Планирано е вежбата да се одржи во регионот на Струга и Охрид. Станува збор за теренска вежба. Сценариото е изработено и ќе бидат опфатени сите непогоди коишто може да се случат во регион – земјотрес, пожар, поплави, поплавување на крајбрежјето на Охридското Езеро, спасување на планина, спасување во река… Ќе има одредени, околу 12 означени локации, а подготвено е и видео, за промоција на сите сајтови, т. е. што можеме ние да пружиме за да може да привлечеме што поголем број тимови во тој дел.
Северна Македонија е веќе членка на НАТО, а Вејсели потсетува дека главна цел е ЦУК да биде точката за контакт до механизмите при барање и праќање на помош од НАТО-центарот за помош за координација и помош при катастрофи.
– Ќе ве потсетам само последната донација во висина од милион и пол евра беше реализирана комплетно преку Центарот, секако преку телата на системот за управување со кризи, а Центарот беше и тој којшто и технички ја спроведе. Зборуваме за 60 респиратори и медицинска опрема во вредност од 1,5 милион евра, додаде Вејсели.
Освен стока, преку ЦУК стигнуваат и тимови од НАТО, кои земјата би ги побарала во случај на одредена катстрофа.
– Значи, на тимовите да се згрижат, каде треба да бидат сместени и она што е најбитно нели зошто се дојдени, која им е задачата и се во координација со Главниот штаб, кај што Главниот штаб има точно задача што им ја дал и што она што е забрзано ако порано требаше да им се даде задача да отидат на самото место да ја завршат и да се вратат назад, тука се
отвори и Центар за координација или онсајт координејшн центар – Центар за координација каде што тимовите добиваат задачи и се координираат меѓу себе и секако со Главниот штаб националниот да порано ако требаше да завршат одредена активност и да дојдат да реферираат, сега во случајот ние точно на карта гледаме што имаат завршено и може во меѓувреме да им се додели и друга задача што треба да се заврши, вели тој.
Вежбата, освен како придонес за дигитализација, ја гледа и како одлична можност сите капацитети и ресурси коишто ги поседува Република Северна Македонија да бидат ставени во употреба, да се активира нивниот оперативен капацитет.
Вејсели додава дека ние мора да ги воспоставиме НАТО-стандардите во сите сфери, па така и во управувањето со кризи, а претстојната вежба ја гледа како голем можност за напредок во тој процес.