„Кризата предизвикана од пандемијата на површина ги извади клучните области каде треба да се насочува капиталот, а тоа се областите кои имаат трајна вредност. Јасно е дека спомениците не се трајни добра, како што се патиштата, училиштата, болниците, студентските домови, градинките, спортските објекти, функционални апарати за здравството, опрема… Продолжуваме да инвестираме во патната и железничката инфраструктура, енергетика, гасификација, градинки, болници, училишта и животната средина, комунална инфраструктура како и во изградба на социјални станови. Јавните инвестиции со приоритет на капитални инфраструктурни проекти.“, вели премиерот Заев во интервју за „Капитал“.
Тој истакнува дека во годината која измина капиталните расходи имаат 80% од планираната реализација на капитални инвестиции што е подобра во однос на 2019 година кога беа реализирани 77,6% од планираните капитални расходи, и додаде дека во Буџетот за оваа година капиталните инвестиции се планирани на ниво од околу 23 милијарди денари или за 20% повисоко во однос на планот за 2020 година.
„Клучен капитален проект е Коридорот 8, главната артерија која и инфраструктурно ја поставува Северна Македонија како крстопат помеѓу соседите, а ги поврзува Црното со Јадранското Море. Дополнително се градат и рехабилитираат магистрални и регионални патишта на територијата на целата држава. Во периодот до 2025 година се планираат капитални проекти во вкупен износ од 3,2 милијарди евра. И во следните години нашите заложби ќе бидат насочени кон максимална реализација на капиталните инвестиции со воспоставен и нов механизам за следење на нивната реализација.“, рече премиерот Зоран Заев во интервју за „Капитал“.
Ј. Ѓ.