Секогаш кога изминатите години сум давал одговори на прашања поврзани со „Монструм“ сум оставал резерва и сум кажувал дека последниот збор ќе го имаат правосудните органи, изјави премиерот Зоран Заев во основното училиште „Кирил и Методиј“ во Стајковци.
„Ако имав да посочам други лица, од 2015 до сега ќе ги посочев. Никогаш не сум спомнал друго лице, да посочам директно јас дека е виновно друго лице. Сум давал коментари, свои задршки, резерви за тоа што било соопштено во јавноста преку читање на пресудите тогаш достапни. Тоа што сум го видел на материјалите, сум давал одговор за тоа што сум го мислел, но секогаш сум кажувал дека последниот збор е на правосудството“, одговори Заев.
На прашањето дали смета дека случајот бил злоупотребен за политички поени, Заев вели дека не е така, како и дека тој никогаш не објавувал „бомби“ за „Монструм“ туку само одговарал на прашања.
„Апсолутно не. Правото на слобода, на информација, правото на вистината е величествено во секоја демократска земја. Секогаш кога сме споделувале информации ние сме давале јавно одговори, знаете затоа што се работеше за случај за кој имаше и ПИ мерки, а имаше и разговори кои беа надвор од тоа. Јас како случај не го објавив ’Монструм‘, давав коментари на прашања на новинарите и споделував мои лични очекување со тоа што сум го видел и секогаш тврдев дека материјалите ќе бидат целосно доставени до СЈО. Тоа го направив, а на крајот останува на истражните органи да пресечат“, изјави Заев.