Премногу често, лезбејките, геј мажите, бисексуалците, трансродовите и интерсексуалните лица (ЛГБТИ) се соочуваат со дискриминација, насилство и прогонство врз основа на нивната сексуална ориентираност. Во 76 земји се смета дека хомосексуалноста е нелегална. Понекогаш се санкционира со закон, а во пет земји се казнува дури и со смртна казна. Таквиот прогон е неподнослив. И во нашата земја припадниците на ЛГБТИ заедницата искусуваат исти типови на дискриминација. Додека дваесет и првиот век е фокусиран на слободата на изразување и информирање, за поздрав е работата на борците за човекови права кои секојдневно се борат и понекогаш ги ризикуваат своите животи за да можат да се препознаат и почитуваат основните права на ЛГБТИ лицата. Фронтлајн.мк разговараше со Беким Асани, претседател на ЛГБТИ Јунајтед Тетово, борец за човековите права и правата на ЛГБТИ заедницата и вечен поборник против хомофобијата.
Фронтлајн: Кои се твоите цели, што работиш и за што се бориш?
Асани: Моја примарна цел е општество во кое сите се еднакви без разлика на своите разлики, каде што секој поединец е почитуван и живее слободно и безбедно. Работам на поголема видливост на ЛГБТИ лицата во државава и нивна вклученост во општествениот процес, како и нивна прифатеност од државата и останатите луѓе. Се борам за еднаквост, слобода, за Северна Македонија каде што омразата ќе биде минато, каде што секое ЛГБТИ лице е безбедно, прифатено и сакано од сите.
Фронтлајн: Со кои проблеми се соочува ЛГБТИ заедницата во Македонија, и кон каков тренд треба да се движиме?
Асани: Проблемите се различни, многу зависи од средината во која живе едно ЛГБТИ лице, град, село, економската положба, едукацијата… Mногу фактори се тука во прашање, но најголеми проблеми за повеќето од ЛГБТИ лицата се говорот на омраза, насилството, не прифаќањето од блиските, од средината и од општеството. По конкретно поради пандемијата КОВИД-19 многу ЛГБТИ лица ги изгубија своите работни места, а поради рестрикциите мораат подолго време да поминуваат со нивните насилни и хомофобични родители (пред сè). Пред сè,, ЛГБТИ Заедницата не е мода, не е од денеска, ЛГБТИ заедницата постоела од секогаш, само што сега сме погласни, повидливи, а со тоа и насилството е повидливо и позголемено, а можеме да зборуваме и за разни проблем и предизвици со кои и денес се соочуваат. Единствено кое го посакувам како дел од заедницата е поголема информираност и едуцираност на луѓето што сме ние, не сме болест која се лекува со лекови и други работи. Се раѓаме и живееме исто како и другите луѓе. Затоа целиме кон тоа да сме и прифатени како такви. Само за информација СЗО одамна ја има тргнато хомосексуалноста од листата на болести.
Фронтлајн: Од каде доаѓа твојата најголема поддршка и мотивација за борбата која ја водиш?
Асани: Најголема поддршка и мотивација ми е мојата мајка која на индиректен начин ми дава поддршка во самата борба. Потоа е и самата ЛГБТИ заедница, со сите нивни убави зборови, но и критики. Да не ја заборавам и секако ЛЕЈДИ ГАГА, Кралицата на која јас секогаш и се восхитувам.Моја мотивација доаѓа од промените во државата кои се мали, но сепак видливи, има искри на промени. Еве еден пример имаме во Собранието, формирана е меѓупартиска група која се бори за правата на ЛГБТИ. Тоа е мотивација. Но исто така мотивација е кога едно ЛГБТИ лице ќе се вработи и ќе ми пише Беким се вработив, на работа знаат дека сум дел од ЛГБТИ и сите се сосема ок со тоа.
Фронтлајн: За жал, често си мета на говор на омраза, дури и тепан и малтретиран… Како се справуваш со говорот на омраза?
Асани: Искрено, веќе не ги бројам нападите, навредите и говорите на омраза. последниот напад кој се случи лани и тој во 2019 беа потешки, не бев сам, бев со припадници на ЛГБТИ заедницата кои се исплашија исто. Насилството мора да престане а секој што извшува насилство мора да биде казнет, друг излез нема! Говорот на омраза често ги мотивира луѓе да извршат и насилство, таа линија е многу тенка, јас не се движам многу поради безбедност, но икога се движам, не проаѓам без некоја пцовка, навреда, омаловажување. Во минатото имаше случај кога со трчање побегнав од група на луѓе, па бев проморан да поминам неколку часи во долниот дел на една тезга за да не ме најдат. Некогаш се чудам и на себеси, колку може човек да издрзжи, но кога единствениот излез е да си силен и истраен, тогаш нема лимит и јас сум тотално решен да одам до крајот. а крајот е еднаквост и слобода.
Фронтлајн: Како можеме да го спречиме говорот на омраза, што сметаш дека една индивидуа треба да преземе самата кај себе за да не говори и дејствува во името на омразата?
Асани: Како што кажав и претходно Многу луѓе не се информирани. Исто така постојат и многу дезинформаци, многу медиуми пренесувааат неточни и не проверени информаци, со што луѓето го земаат тоа здраво за готово и од тука има говор на омраза. Страшно е како во 2018 со една погрешно пренесена информација, во која не беше направена разлика помеѓу Центарот на ЛГБТИ Заедницата во Тетово и Центарот (плоштадот) на Тетово, бев приморан јас и моите родители да побегнавме од Тетово за да не бидеме убиени.
Фронтлајн: Како родителите треба да пристапат кон едуцирање на нивните деца за правата и постоењето на ЛГБТИ заедницата за да не говорат во името на омразата, и исто така образовните институции?
Асани: Самите родители требаат да им покажат дека семејство не секогаш е составено од маж жена и деца. Дека семејството значи институција во општеството која е составена од две личности без разлика на нивниот пол и нивните потомци-деца. Со тоа им покажуваат дека ЛГБТИ Заедницата исто има право и заслужува да сака и да биде сакана, секој поединец има право да ја чуствува љубовта. Ќе напоменам семејството е првото училиште со кои се среќаваат децата.
Фронтлајн: На кој начин државата придонесува за заштита на правата на припадниците на ЛГБТИ заедницата?
Асани: Последниве неколку години се бележат позитивни промени , како пример би го зел, гласањето на новиот закон за спречување и заштита од дискриминација, каде за прв пат сексуалната ориентација и родовиот идентитет се препознаени како основи за дискриминација, погоре ја спомнав и Меѓупартиската група за правата на ЛГБТИ во склоп на Парламентот, јавната поддршка на неколку политичари, внесувањето на ЛГБТИ тематиката во програмите на политичките партии, државното финанцирање на ЛГБТИ Здруженијата има позитивни промени, кои со тек на времето даваат надеж дека се движиме на позитивната насока, кон европските вредности.
Фронтлајн: Што сакаш да им порачаш на припадниците на ЛГБТИ заедницата кои биле жртви на говор на омраза и на насилство, а што на поддржувачите на ?
Асани: До сите членови на ЛГБТИ заедницата им препорачувам Да бидат силни, да не се плашат, не се сами, веднаш да го пријавуваат насилството, говорот на омраза, не треба да молчиме и да се плашиме пред истото, постои системска поддршка во невладините, правна помош, психосоцијална помош, но и институциите и на локално ниво веќе се отвараат и можам да кажам дека има поддржувачи и во места каде тоа пред неколку години беше незамисливо. Тие што шират говор на омраза и на насилство да им е јасно дека правдата можеби доцни, но не заборава, секој ќе биде казнет според законите, а законите се јасни!
Фронтлајн: За крај, која промена сакаш во овој почеток на новава година да ја видиш во општеството?
Асани: Сакам родителите на ЛГБТИ лицата да се по отворени, да ги подджуваат своите деца, прифаќањето од блиските е многу охрабрувачко. Оваа година сакам да сме по гласни, по видливи, по безбедни, да имаме повеќе поддржувачи.
Марија Миткоска