Пресудата за „Монструм“ ја донесе петчлен судечки совет од двајца судии, Огнен Ставрев како прв и Осман Шабани како втор судија, и тројца поротници, откако повторениот судски процес трае околу три години.
Алил Демири – виновен за тероризам, доживотен затвор
Африм Исмаиловиќ – виновен за тероризам , доживотен затвор
Агим Исмаиловиќ – виновен за тероризам, доживотен затвор
Хаки Азири – виновен за две кривични дела за помагање, единствена казна затвор од 9 години
Фејзи Азири – виновен за 2 кривични дела за помагање во извршување на кривично дело, единствена казна затвор од 15 години
Сами Љута – се отфрла обвинението
Ваква пресуда денеска донесе Основниот кривичен суд во Скопје во случајот „Монструм“, кој се однесува на петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, во пресрет на Велигден, кога живото го загубија четири момчиња од македонска националност на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и 45-годишниот рибар Борче Стевковски од селото Црешево.
На изрекување на пресудата дојдоа роднини и на обвинетите, но и семејствата на жртвите. Околу судот и во судница има засилено полициско присуство.
Првите двајца обвинети, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, се во бегство во Косово и со години косовските власти не ги екстрадираат во земјава.
Во пресрет на изрекувањето на пресудата, во завршните зборови обвинителката Фатиме Фетаи побара доживотен затвор за првите тројца обвинети за тероризам, за Хаки и Фејзи Азири за помагање побара максимални затворски казни од 9 до 10, односно 15 години, додека за Сами Љута побара ослободителна пресуда поради немање докази. Одбраната, пак, бараше ослободителна пресуда бидејќи, според нејзината теорија на случај, ова не се вистинските извршители.
Извор: 360 степени