Основниот кривичен суд Скопје ги донесе пресудите за обвинетите во случајот „Таргет-Тврдина“.
Поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски е осуден на казна затвор од 15 години. На вработениот во УБК Никола Бошкоски изречена му е казна затвор 15 години. Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска е осудена на казна затвор од 4 години. Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков е осуден на казна затвор од 12 години. Поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски доби 6 години затвор, а Владимир Варелов од УБК доби условна казна затвор од 2 години.
Мијалков во судот беше спроведен од домашен притвор што му беше одреден како мерка на претпазливост, а од затвор каде издржува казна за случајот „Тенк“ беше донесена Гордана Јанкулоска.
Претседател на судскиот совет е судијката Џенета Бегтовиќ, а застапници на обвинението се Ленче Ристовска и Трајче Пеливанов.
Пресудата за „Таргет-Тврдина“ е првостепена, а странките ќе имаат право на жалба до Апелацискиот суд.
Судењето започна на 22 декември 2017 година, а застапник на обвинението беше поранешното Специјално јавно обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Во септември 2019 година предметите на СЈО ги презема Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и беа доверени на јавните обвинители кои дотогаш постапувале по конкретните предмети.
Ј. Ѓ.