На Орце Камчев му е продолжен притворот за нови 30 дена. Јавното обвинителство, но и судот сметаат дека тоа е единствениот начин да обезбедат негово присуство во судница. Камчев не е кој било, цели 17 години неговото име се провлекува низ кривичната евиденција на МВР, но секогаш тој имаше начин како да се извлече од прогон, од судење, од казна.
Сега конечно е поинаку, сега Јавното обвинителство брои денови кога ќе му поднесе обвинителен акт за дел од неговиот финансиски криминал. Имено, за целиот предмет под името „Империја“ во кој се истражува финансиската пирамида на Камчев ќе биде подготвен за неколку месеци, но од тоа големо досие, јавните обвинители го издвоиле предметот под име „Плацови на Водно“ чија истрага е завршена и наскоро се очекува обвинителен акт, а потоа и старт на судскиот процес. Нема да биде изненадување ако Камчев остане во притвор и во текот на целиот судски процес, пред сè, ако се знае дека тој има голем имот, многу пари и лесно може да ја напушти државата.
КРИМИНАЛНО-ФИНАНСИСКАТА ПИРАМИДА КАМЧЕВ ЈА ГРАДИ ОД 2002 ГОДИНА
Но, не само за предметот „Плацови на Водно“, надлежните институции имаат негативно искуство од минатото кога Камчев се гонеше во други предмети, исто за финансиски криминал, во кои тој постојано наоѓаше излез да не заврши во затвор. Пред 17 години, за прв пат државата се посомневала во активностите на Камчев, кога тој преку три фирми „Хилдебранс ДООЕЛ“, „Наска“ и „Текс-текс“ правел поврат на данок врз основа на фиктивни фактури. Тогаш Јавното обвинителство имало отворено предмет за лажен стечај и фалсификување службена исправа. Биле пријавени Орце Камчев и неговата мајка Ратка и сестрата Христина, но и други три лица, сите под сомнение дека во 2002 и 2003 година, како управители и потписници на сметка, го оштетиле државниот буџет со тоа што избегнувале да платат данок, но и да прават фиктивен поврат на данок. Со таквите нелегални активности тие предизвикале лажен стечај.
Од една страна државата ги гонеше за финансиски криминал, медиумите објавуваа стории за вмешаност на десетици фирми, а семејството Камчеви тоа го преставуваше во јавноста како политичка одмазда. На крајот тие успеаја, за ова досие никогаш не се покрена официјален обвинителен акт, па затоа никогаш и немаше судење. Но, нелегалните активности на Камчев не завршиле со овој предмет. Неколку години подоцна, кога во јавноста беше актуелен скандалот со 90 илјади воени униформи одново се појавува неговото име. Тогаш Управата за јавни приходи го пријави Камчев, како извршен директор на „Орка холдинг“ дека ја оштетил државната каса за пет милиони евра. Овој предмет се врзува со испорака на униформите кон американската фирма „Глобал Фајненс Груп“, која била во сопственост на Камчев.
Потоа, во 2007 година, името на Камчев се појавува во медиумите во врска со плацот зад „Рамстор“ во Скопје. Тогашната влада предводена од ВМРО ДПМНЕ на јавноста и презентираше странски инвеститор за земјиштето преку фирмата „Резидор хотел груп“, но новинарите открија дека фирмата била регистрирана пред самото јавно наддавање за парцелата и дека таа компанија има реалции со „Орка холдинг“.
ОФШОР КОМПАНИИТЕ ЗА КАМЧЕВ БИЛЕ КАКО ДЕТСКА ИГРА
Во време кога голем дел од македонската јавност немала поим што е тоа офшор компанија, Камчеви интензивно работеле на случајот. Уште од 2004 година надлежните органи знаеле за такви сомнителни компании поврзани со активностите на Камчеви. Пред 15-тина години биле откриени една фирма од Лугано, но и неколку во САД преку кои биле трансферирани пари. Понатаму, и во позадина на денешните големи бизниси на Камчев стојат сомнителни фирми. На пример, основачи на фирмата „Аџибадем Систина“ се „Хоспитал менаџмент груп“ од САД и „Груп хоспиталс Корп“ од Панама. Основачи на фирмите „Мала Богородица ДООЕЛ“ се „Центоком“ и „Глобал фајнанс Груп“ од САД. Со години се правеле трансакции и зделки со овие фирми.
Потоа, исклучок не е ниту фирмата „Ексико“ зад која стојат три фирми од САД и Швајцарија и тоа „ Калвус“, „Т&M инвестмент“ и „Делта инвестмент“. Токму „Ексико“ е фирмата која ја откри Специјалното јавно обвинителство. Но, на империјата на Камчеви никогашне можел да им се најде крајот, затоа што во последните десетина години, името на Орце Камчев се споменува и во криминалот со „Графички центар“, „МПМ“, „Мериот“ и уште многу други компании преку кои се пренесувале и се криеле пари.
Биографијата на Камчев запишала дека тој три пати до сега завршувал во притвор, но разликата сега е во тоа што, последниот притвор нема лесно да го напушти, како што правел во изминатите години. Во 2005 година за прв пат тој беше однесен во Шутка, откако самиот се пријави, по неколку дена откако јавноста започна да претпоставува дека е заминат во Бугарија. Но, интересен е фактот што по неколку дена криење, откако Камчев сам се пријави, за не цели 12 часа тој излезе со гаранција од само 60 илјади евра. Јавноста тогаш шпекулираше дека самиот се пријавил оти однапред имал договорено дека со мала гаранција ќе замине до Шутка.
Потоа, мораа да поминат 13 години, за во 2018-та тој одново да се соочи со полицијата која го пренесе во притвор, но само по неколку дена беше ослободен. Му помогна Врховниот суд кој издаде мислење со кое СЈО беше посочено како неовластен тужител во постапката против него.
ТРЕТИОТ ПРИТВОР ЗА „ПЛАЦОВИ НА ВОДНО“ НЕМА БРЗО ЗА ЗАВРШИ
Од 14 март 2021 година, Камчев е во притвор за предметот „Плацови на Водно“, но овој пат тој нема толку лесно и брзо да замине од Шутка. Веќе му поминаа првите 30 дена, а започнаа да му течат вторите 30 дена. Извесно е дека Камчев може да остане во притвор се до крајот на судскиот процес за овој предмет, а потоа, ако му биде одредена повисока затворска казна, тој таму да остане и до правосилност на пресудата, за потоа да продолжи да ја издржува казната. Овој пат Јавното обвинителство, за разлика од пред 10 или 15 години, е сигурно во доказите кои ги има против криминалната империја на Камчев. Конечно, после 17 години и низа криминални активности, дојде ред да му се суди и на овој бизнисмен, инаку спремен да кокетира со секоја власт за да си ја купи слободата. Затоа тој постојано беше и политички присутен, но секогаш наклонет кон опцијата која во моментот е на власт. Така тој си ја гарантираше својата слобода.
Но, сега едно е јасно, овој пат Камчев ниту има сојузници во власта, ниту пак некој може да му излезе во пресрет и лесно да му ја заврши работата за тој одново да се најде на слобода. Сега имаме сосема спротивна ситуација, власт која дефинитивно сака да расчисти со криминалот, особено со „крупните риби“ кои со децении успеваат да се засолнат од правдата, но и Јавно обвинителство кое постапува независно и кое тврди дека Камчев е целосно разобличен и дека доказите против него ќе бидат силен аргумент пред судот за да му се одреди затворска казна.
И во случајот „Плацови на Водно“, Камчев заедно со власта на ВМРО ДПМНЕ користи офшор компании и нелегално стекнати пари за да се купат парцелите на атрактивна локација на Водно. Во овој случај тој е дел од мрежата на Никола Груевски и Сашо Мијалков, а вклучени се и кумот на Груевски, Ристо Новачевски, како и мајката на Камчев, Ратка. Што правеле тие? Прво Груевски ги собрал парите од донации наменети за партијата, во износ од 1,3 милиони евра. Тој како лидер на ВМРО ДПМНЕ тие пари воопшто не ги пријавил во финансиските извештаи на партијата затоа што ги примал во готово, па потоа со помош на останатите во групата, преку фирма од Белизе ги пуштале во оптек во Скопје и така купувале имоти. Ете за ова сега Камчев е во притвор, затоа што износот кој членовите на партијата мислејќи дека го даваат како донација, Груевски го присвоил и потоа ја активирал шемата со офшор фирми на Камчев за целиот случај да се сокрие од јавноста, но и од правната држава. Таквата намера на целата група сепак не успеа.
Прислушуваните телефонски снимки јасно укажаа како Груевски со Камчев, Мијалков и Новачевски си купиле парцели со украдени и испрани пари. Потоа Јавното обвинителство тврди дека има собрано купишта докази со кои ќе го докаже криминалот пред суд. Затоа во оваа фаза, ниту обвинителите, ниту судиите немаат намера да попуштат за притворот на Камчев, затоа што тој конечно е фатен како „цигла по цигла“ ја издигнува криминално-финансиската пирамида, за која целата јавност знае со години, ама никој не се осуди до крај да ја истражи. Но, сега ѝ се гледа крајот на империјата на Камчев.
Тим ФРОНТЛАЈН
Текстот е личен став на Автор(к)ите. Сите права се задржани.