„Сите среќни семејства си прилегаат едно на друго, секое несреќно семејство е несреќно на свој начин”, мојот омилен цитат од романот Ана Каренина… Навистина, навидум среќно семејство од соседството, внатре крие голема и мрачна тага, која го обзема секој член поединечно. Младо лице на 25-годишна возраст утрово смртно настрада при пад од балкон од трети кат на зграда во Охрид, се разгледуваат околностите, но најверојатно е самоубиство, гласи веста споделена од СВР…
Многу ми е жал што ваков немил настан кај мене побуди инспирација за текст, за човекови вредности и идеали што сметам дека се од есенцијално значење кај секој од нас. Што побогу, се прашуваме, би можело да е грижа на еден 25 годишен, за да се одлучи на радикален чекор одземајќи си го животот? Ах, оставете го бе наркоман, па можеби поради коцка се самоубил, пиел сигурно, се само дел од претпоставките, а никој од нив не прашал како се чувствувал тој… Она што мене ме интересира е, дали некој од нас самите се запрашал како е денес нашиот сосед, далечен роднина, познаник? Веројатно не, зошто ако сме се запрашале, многу работи ќе биле поинакви.
Не знам, можеби секогаш сме биле далечни, но особено сега, поради пандемијава сме се заборавиле повеќе едни со други, не се гледаме, не се слушаме, не се прашуваме како сме и дали е се во ред… Секој од нас во одреден период од животот искусил, или ќе искуси како е да се биде депресивен, а за мене депресијата е болест над сите болести. Болест на телото, душата, срцето и умот и е доста ирелевантна за многу од нас, а е премногу важна. Додека ставаме хаштази на Фесбук од типот #сакајсесебеси, #љубов, #сонце, #relaxingbythebeach и други останати, се изгубивме себеси во обид да се докажеме некому дека нам навистина ни е добро, но внатре во душата, тагата и депресијата се како вулкан кој што само не еруптирал…
Нечиј ден може да биде поправен само со една блага насмевка, топол збор кажан искрено и едно просто кратко прашање „Како си?“, ама на секој од нас полесно му е да ја сврти главата и да не каже ни збор, а не пак да се насмевне. Ја заборавивме љубовта, парите ни го заслепија видот, уживањето на Фејсбук и Инстаграм е ставено на пиедестал пред хармонијата и мирот во душата пред сè, а и пред семејството…
Ете затоа денес во Охрид се случи немил настан, и утре ќе се случи пак и во Охрид, и на друго место. Посакувам да не ја вртиме главата, и да не одминеме кога ќе видиме дека некој пати, макар тоа и добро да го крие, да се насмевнеме, да подариме рака, да кажеме топол збор… Да бидеме како некоја пчелка која од цвет на цвет оди, така ние од човек на човек да носиме радост, насмевка и среќа. Твојот збор и насмевка, верувај дека ќе спаси нечиј живот и ќе вроди нова надеж дека нештото може да биде подобро.
п.с. I swear you are safe, this too shall pass, we will get through it all together вели Сиа во нејзината песна, завршувајќи ја со зборовите Let’s love!
Марија Миткоска