Континуирана и интензивна билатерална соработка и координација во контекст на заедничкото управување со Охридскиот Регион во согласност со насоките од последниот извештај на Реактивната мисија на УНЕСКО беа клучните теми на денешната средба на министерката за култура Ирена Стефоска, со министерката за култура од Албанија, Елва Маргарити, во Тирана.
Како што информираат од Министерството за култура, на средбата се разговараше и за заеднички иницијативи и проекти за заштита на охридското крајбрејже како заедничка вредност, но и најава за скорешна заедничка седница на националните комисии за УНЕСКО.
Двете министерки ја потврдиле традиционалната соработка меѓу институциите и уметниците на двете земји и разговарале за можностите за подобрување на соработката во сите дејности.
Од Министерството соопштија дека на средбата е поздравено и потпишувањето на Спогодбата меѓу Владата на Северна Македонија и Советот на министри на Албанија за основање културно- информативни центри во нашата држава и во Република Албанија, која влезе во сила на 1 април минатата година.
Исто така, тема на средбата беше и денешното официјално отворање на македонскиот КИЦ во Тирана.
Министерките за култура, Стефоска и Маргарити, го реафирмираа и прашањето за потпишување нова програма за културна соработка меѓу Министерството за култура на Северна Македонија и Министерството за култура на Албанија за периодот од 2021 до 2026 година.
извор: МИА