Овие препораки се однесуваат и на единиците на локалната самоуправа, и тие, заедно со сите органи на државната управа треба да достават барање за пристап до податоците на Централниот регистар на население, и најдоцна до првиот квартал на 2022 година да ги преземат сите активности за набавка на потребната информатичка опрема за непречено приклучување кон Националната платформа за интероперабилност.
Целта на овие мерки и активности за дигитализација на процеси е Централниот регистар на население, во кој се интегрирани податоците што ги водат Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда – Управата за водење на матичните книги и Централниот регистар, преку Националната платформа за интероперабилност, да стане точката од која ќе се влечат информации за граѓаните за да се елиминира потребата тие лично да ги доставуваат податоците и документите и на тој начин да се забрзаат и автоматизираат процесите за издавање на голем број потребни документи и за нивна дистрибуција до граѓаните преку алатки за електронска комуникација.
Владата на Република Северна Македонија денеска ја разгледа и усвои Информацијата и донесе Одлука за формирање на Комисија за следење на спроведувањето на мерките од Акцискиот план за Преспанско Езеро подготвен од Експертската работна група, и ги задолжи надлежните институции утврдени во Акцискиот план да обезбедат финансиски средства за реализација на предвидените мерки.
На денешната седница е донесена Одлука за формирање на Национално координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Совет на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство со кое ќе претседава Министерката за труд и социјална политика.