Македонската дипломатија и целокупниот државен врв се наоѓаат во вистинска дипломатска офанзива пред јунскиот самит на ЕУ закажан за 22 јуни. Времето е прилично кусо, но претседателот, премиерот, вицепремиерот за европски прашања, министерот за надворешни работи и министерката за одбрана, со полно темпо и турбо агенда деновиве ги обиколуваат градовите низ Европа и пошироко.
Само во изминатите два дена премиерот Заев беше во обиколка на соседна Софија и подалечната Виена. Покрај разговорите за наметнатиот спор од бугарска страна со тамошниот претседател, технички премиер и претставниците на двете најголеми партии во Бугарија, Заев беше и на средба со австрискиот канцелар, Себастијан Курц во Виена. Посетата на престолнината на Австрија беше и можност за премиерско обраќање на панел дискусијата околу Западниот Балкан и Европа, кој тежнее да испрати порака против евроскептицизмот и проширувањето.
Претседателот Пендаровски деновиве беше во посета на Турција, каде зема учество на дипломатскиот форум во Анталија, на тема за иновативната дипломатија. Својата посета во Турција, претседателот ја искористи и за средба со турскиот претседател Ердоган, но и со Жозеф Борел, потпретседател на Европската Комисија.
Вицепремиерот Димитров, кој го придружуваше премиерот во Софија и Виена, исто така, преку овие дипломатски посети се впушти во вистинска офанзива, а неговата препознатливост во меѓународните односи, несомнено, придонесува за успешност на овие гостувања.
Министерот Османи, кој исто така, присуствуваше во Турција и Бугарија, беше активен и со присуство на дипломатски форум во Словачка, каде се обрати на безбедносниот форум одржан во главниот град Братислава. Тоа беше погоден момент и за отворање на просториите на македонската амбасада во словачката престолнина. На истиот форум, свое учество имаше и министерката Шеќеринска.
Ваквата дипломатска офанзива, која се случува во непосреден момент пред одржување на самитот на Унијата, дефинитивно го актуализираше низ европски кулоари повторно прашањето за отпочнување на нашите преговори со ЕУ. Желбата е истите да започнат со одлука донесена на овој самит месецов, но за очекување е дека бугарската рампа и блокада ќе останат спуштени и овој јуни, а попозитивни вести, можеби, не очекуваат за време на октомврискиот самит.
Иван Дугутов