„На овие локални избори излегуваме со најдобрата кадровска и програмска понуда“, потврди пратеничката на СДСМ, Фаница Николоска од партиската трибина во Гостивар. Таа вели дека програмата ќе се пишува заедно со граѓаните, бидејќи СДСМ е модерна партија која се менува, за разлика од опозицијата.
-Од една страна е СДСМ, од другата ВМРО-ДПМНЕ. Нас ни треба силна и модерна опозиција, опозиција која и по дефиниција е коректор на власта. Но, ние го имаме ВМРО-ДПМНЕ, раководено од бегалецот во Будимпешта. Партија која единствено се грижи за сопствениот интерес и интересот на мала група на луѓе, изјави Николоска. Таа додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е партија која ги блокирала најважните законски решенија кои се во интерес на граѓаните, како Законот за служба во армијата, Законот за наставници и стручни соработници, Законот за изградба на нов модерен Клинички центар, но и законите за реализација на пакетите мерки за помош на граѓаните во услови на ковид криза.
-Сепак, станавме земја членка на НАТО, членка на најголемиот воено-политички сојуз. Горди бевме минатата недела на нашиот премиер Зоран Заев, којшто седеше рамо до рамо со лидерите на најмоќните држави во светот, на масата на која се носат најважните одлуки. Продолжуваме по тој пат, со СДСМ рамо до рамо со најразвиените и најмоќните, порача Николоска пред гостиварчани.
Д. Е.