Имунизацијата во полошкиот регион се одвива со намален интензитет. За два пати е намален бројот на вакцини кои се инјектираат на дневна основа. На самиот старт на имунизијата во регионалниот вакцинален пункт во спортската сала при Медицинското училиште Никола Штејн во Тетово се вакцинираа и над 1300 граѓани, а деновиве се трошат околу 400 дози.
„Да, намален е интензитетот на вакцинацијата во полошко. Спортската сала е отворена само 8 часа и тука се вакцинираат жителите само до попладневните часови. Се надеваме дека овој процес ќе се забрза другата недела кога ќе ја добиме најавената пратка на нови вакцини“, рече Борислав Јоргаќиевски директор на Здравствен дом Тетово.
„На мене ми стигна порака за вакцинација на мојата сопруга не, а чекав долго време. Спасот го гледаме само во вакцинацијата, мора да се набават доволно количини на дози, за да се забрза процесот и барем од септември над половина од граѓаните од полошко да бидат вакцинирани“, рече една жителка на Тетово. која денеска ја прими првата доза на вакцина.
Здравствените работници велат дека вирусот не е заминат, туку тој е реалност, но само со намалена силина. Од налетите и новите бранови на вирусот од кој имавме многу горчливо искуство со многу жртви и тешки здравствени последици оваа и минатата година можеме да се одбраниме само со колективна имунизација.
„Таа колективна имунизација е најважна, без неа нема спас и овој летен период треба да се искористи кога малку можеме послободно да се движиме, кога сите имаме неколку недели одмор мора да се вакцинираме, тоа е единствениот спас, а со вакцината и имунизирано население имаме општествен, односно економски, културен, спортски развој, здравјето пред сè“, вели д-р Светлана Трифуновска координатор на матичните лекари.
Досега во регионалниот пункт во Тетово се вакцинирани 13.700 граѓани, а ревакцинирани 9.500. Во моментот граѓаните се имунизираат со вакцината Синофарм.
Зоран Димовски