„Дел од услугите во системот на социјална заштита, функционираат преку електронскиот систем. Работиме и на нов софтвер, каде со еден клик ќе биде отворено целото семејство и точно ќе се знае кои парични права и услуги ги користи семејството. И во услови на пандемија граѓаните кои се корисници на туѓа нега од трето лице воопшто не доаѓаа физички да ги поднесуваат барањата, целиот процес беше електронски“ , рече министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска во емисијата Вин-Вин на Телевизија Телма во врска со поедноставување на системот за граѓаните.
„Суштината на социјалната реформа не е да генерирате нови корисници, туку да ги вадите луѓето од системот на социјална заштита и активно да ги вклучите на пазарот на труд. И токму начинот на кој е креирана социјалната реформа е во тој правец. Активација на нај вработливите членови на семејството на пазарот на труд , кои што се приматели на Гарантирана минимална помош“, рече министерката Шахпска.
Таа посочи дека токму веб сервисите се линкот помеѓу Центрите за социјална работа и Агенцијата за вработување. Тоа е заедничка работа и вкрстување на индивидуалните планови на стручниот работник од Центарот за социјална работа и од Агенцијата за вработување. Преку вклучување во обуки, тренинзи, вештини, градење на капацитетите, највработливиот член од семејството станува атрактивен на пазарот на труд.







