Македонскиот таеквондист Дејан Георгиевски е нашата најголема надеж за освојување на олимписки медал, а од МОК го доби и признанието да биде и наш знаменосец на Олимпијадата во Токио.
Георгиевски немаше среќа со ждрепката и уште во првата борба на олимпискиот турнир ќе се бори против актуелниот светски шампион Рафаел Алба од Куба.
Сепак, ждрепката не беше сојузник ниту на Кубанецот. Сигурно и тој не е среќен што ќе мора да се бори против Дејан Георгиевски, којшто во својата ризница на медали го има и европското злато. На Европското првенство во Софија, на патот до златниот медал, Дејан извојува пет победи, против Матео Милани (Италија), Сердар Јуксел (Турција), Чем Унлусој (Германија), Михајло Шелест (Украина) и во финалето победа против Јури Кириченко (Русија). Во борба за пласман на оваа олимпијада нашиот најдобар таеквондист пред два месеца извојува победа и над актуелниот олимписки шампион Радик Исаев од Азербејџан.
Дејан Георгиевски во Токио ќе настапи во категоријата до 87 килограми. Мечот против Кубанецот Алба ќе се одржи на 27 јули, околу 3 часот наутро по македонско време.
А. Лукароски