Премиерот Зоран Заев на Економскиот форум кој денеска се одржува во Скопје рече дека започнува нов ера на соработка во регионот. Во своето воведно обраќање најави дека ќе бидат потпишани два важни меморандуми и еден договор кој ќе ги олесни административните процедури.
-Почнува да се создава највисоко ниво на разбирање и поврзување, како и витален регионален простор, а тоа е наша заедничка желба. Сакам да ве уверам дека нашата волја е израз на максимална посветеност, изјави премиерот Зоран Заев на Економскиот форум во своето воведно обраќање.
Тој рече дека неуспехот на ЕУ да ги исполни ветувања за отворање на првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија, е против европската идеја, против интересите на самата ЕУ и спротивна на определбата за членство во Европската Унија на овие две земји кои ги исполнија сите критериуми за тоа.
-Но, ние не можеме да чекаме сите внатрешни проблеми на Европската Унија да се решат за да одиме напред. Ние сме тука и тогаш кога Европската Унија ќе биде подготвена, ние сме тука – веќе подготвени, со веќе обезбедени олеснувања за нашите граѓани и со веќе развиени економски иницијативи. За нив ќе зборуваме и денес, па се надевам дека ЕУ ќе најде начин да обезбеди и финансирање за истите, особено што голем дел од нив се дел од зелената агенда.
На Економскиот форум во Скопје присутни се и премиерот на Албанија Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Д. Е.