„За да ги обезбедиме условите за реализација на четирите слободи на ЕУ, го слушнавме апелот на бизнисмените од целиот регион и ги започнавме постапките за сведување на минимум или на целосно отстранување на административните процедури таму каде што е тоа можно“ кажа премиерот Зоран Заев на Економскиот форум за регионална соработка кој се одржува во Скопје.
„И ова што денес го градиме произлегува од европските вредности затоа што во себе, во своите темели ги содржи подеднакво исто четирите слободи на Европската Унија — Слобода на движење на луѓе, добра, капитал и услуги“ кажа Заев.
Тој додаде дека поврзувањето за развој на економиите, за изградба на заедничка економија, за развој на регионот и за подобар живот на сите граѓани е определба од највисок јавен интерес и силна политичка волја на Владите на Северна Македонија, Србија и Албанија.
„Јасно е дека само со интегриран и поврзан регион може да се движиме постојано кон нашата основна цел – членство во ЕУ. Бидејќи ние не можеме да бидеме ништо друго освен земји од европскиот Балкан“ кажа премиерот Заев.
Тој дополни делка интегрираниот регионален пазар носи дополнителен раст на БДП во регионот, бидејќи доколку Западниот Балкан е поврзен тој е попривлечен, поконкурентен и поблиску до пазарите на ЕУ.
„Во трите земји, во тек е забрзана дигитализација на огромен број административни процеси и бази на податоци. Го слушаме и го прифаќаме и повикот на деловните луѓе од регионот – ‘помалку историја – повеќе економија’, за доброто и за иднината на граѓаните“ кажа Заев.