Традиционалното чествување на Илинденските празници и оваа година се одржа и во Смилево, во Општина Демир Хисар.
– Во чест на Смилевскиот конгрес, на кој била донесена конечната одлука за организирање и кревање на сенародно востание на целата територија на тогашна Македонија, програмата за одбележување на 2 Август – Денот на Републиката и на Илинден започна со положување цвеќе на могилата на Даме Груев, на Споменикот на смилевските илинденци и на спомен плочата на смилевскиот партизански одред, по што беше организирана и посета на меморијалниот музеј на Смилевскиот конгрес, соопшти владината прес-служба.
Владината делегација на програмските содржини во Смилево ја предводеше заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, придружуван од заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска.
Во своето обраќање во рамките на програмските содржини во Смилево, заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, истакна дека денеска се поклонуваме пред храбрите македонски револуционери, кои ја создадоа првата Република на Балканот.
– Од Смилево, родното место на Даме Груев, почнува новата македонска историја. Овде е донесена одлуката за борба и од овде, од Балканот се слушна гласот за македонскиот народ кој се одликува со голема храброст, визионерство и почит кон сите вери и нации, нагласи Димковски во своето обраќање од свечената програма по повод 2 Август – Денот на Републиката во Смилево.