На иницијатива од кандидатот за градоначалник на Прилеп од СДСМ, Горан Сугарески, остварена е средба со неговиот противкандидат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Борче Јовчески, извести Сугарески преку Фејсбук.
Сугарески е пример како еден политичар треба да се однесува со своите конкуренти. Прво го бранеше противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ од црна пропагнада, потоа иницира средба и си подаваат рака.
Како што објави Сугарески, задачата на секој одговорен политичар е да ги обединува граѓанит и да не сее раздор.
„Во политиката постојат политички конкуренти, а не непријатели. Задачата на секој одговорен политичар е да ги обединува граѓаните, не да сее раздор помеѓу нив. Одговорноста за тоа лежи во секој учесник во изборната трка, без разлика на која и на каква кандидатска листа се наоѓа.“, истакнува Сугарески во фејсбук објавата.
Тој појаснува дека тоа било главниот мотив, во пресрет на почетокот на изборната кампања за локалните избори, да иницира средба со кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Борче Јовчески.
„Се залагам и апелирам на достоинствена и фер кампања, во која кандидатите и политичките субјекти ќе се натпреваруваат со идеи и проекти, а не со меѓусебни навреди и клевети. Само на тој начин ќе покажеме дека ние, политичарите, работиме во интерес на граѓаните и на локалната заедница.“, нагласува Сугарески.
Претходно Сугарески прв застана во одбрана на Јовчески и удри силно против лажните профили кои тераат црна пропаганда против неговиот противкандидат.
„Згрозен сум од објавениот фејсбук статус на сметка на личната трагедија на кандидатот за градоначалник на Прилеп од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Борче Јовчески. Без разлика дали станува збор за вистински или лажен профил, како политичар, но пред сè како човек, најостро го осудувам крајно морбидниот и нехуман чин. Никој нема право да се изживува и да злоупотребува било чија лична трагедија за лични или било какви други интереси“, реагираше тогаш Сугарески.
Реакцијата на Сугарески, следеше откако извесен Роберт Вретоски, преку фејсбук му упати закани за убиство на синот на кандидатот за градоначалник на Прилеп од ВМРО-ДПМНЕ, Борче Јовчески, доколку не ја повлече кандидатурата.
Во политиката, исто како и во животот, рече Сугарески, мора да постојат ,,црвени линии” кои не смее да се преминат.
Ј. Ѓорѓиоски