Планот за заштита од пожари требало да го изработи и спроведе болничкиот персонал под раководство на директорот на болницата во Тетово, велат од Светска банка за Дојче веле, по пожарот во модуларната болница кој однесе 14 човечки животи. Тендерот за изградба на тетовската, како и на останатите 16 модуларни болници ширум земјата во октомври 2020 година беше спроведен согласно домашната регулатива и правилата на Светска банка, од каде македонската влада зеде заем од 3,8 милиони евра, oбјави Дојче веле.
ДВ деновиве ја објави проектната листа за модуларната болница во Тетово во која беа наведени надлежностите на централната и локалната власт, како и на првите луѓе на тетовската Клиника. Од Општина Тетово веќе излегоа со тврдење дека тие немале никаква надлежност во фазите од изградбата и контролата на објектот. Од надлежните во болницата досега немаше никаква реакција што се должи и на тековната истрага во која се опфатени. ДВ побара дополнителни информации и од други лица вклучени во проектот, но и тие одбија да зборуваат поради тековната истрага.
Во јавноста се поставија многу дилеми за пожарот во болницата кои се однесуваат на квалитетот на објектот, неговото менаџирање и надлежностите.
Сведоци на трагедијата, која се случи на 8 септември и во која настрадаа 14 луѓе, за ДВ тврдеа дека во модуларната болница немало ни противпожарни апарати, па пожарот првично се гаснел со пластични садови за вода.
Истрагата ќе треба да утврди дали ова тврдење на очевидците е точно, а во меѓувреме на оваа тема остануваат да сведочат официјалните документи и ставовите вклучените во проектот.
„Проектната листа за изградба на модуларните болници вклучуваше конкретни мерки фокусирани на заштита од пожари и подготвеност за итни случаи за време на изградбата, а исто така постоеше обврска да се воспостави ‘План за заштита од пожари’ на почетокот на работата на објектот“, објаснува за ДВ претставник на Светска банка. Тој план требало „да се изработи и спроведе од назначениот болнички персонал под одговорност на директорот на болницата“, дополнуваат оттаму.
Целиот текст на Дојче веле.