пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Бугарскиот претседател Румен Радев порача дека членството на Северна Македонија е многу важно за регионот, но објасни дека суштината на проблемот е „системската дебугаризација“ која се спроведува во земјата.
„Системското уништување на бугарското културно историско наследство во таа земја. Нашите позиции се јасни – сè додека тој процес продолжува и се газат основните права, ние нема како да кажеме ’да’“, рече Радев.
Дали тоа значи дека Радев и Бугарија ќе чекаат „системската дебугаризација“ во Северна Македонија да заврши, па да кажат „да“ за преговорите?
Така се чини на прв поглед.
Тие ќе ја држат рампата спуштена до последниот Бугарин.
Кога по природата на нештата би требало да престане „системската дебугаризација“.
Да се самооствари.
Но, јас мислам – не!
Не може да престане нешто што не постои.
Дебугаризацијата односно блокадата не се теми кои преку решавање треба да ја успокојат Бугарија и однесат Македонија во Европа, туку се инструмент за истоштување на Македонија, теми кои преку невозможноста да се решат, ќе ја декапацитираат и десубјектувизираат Македонија, односно ќе се обидат да ја дефакторизираат, да ја пластенизираат и направат погодна за некое ново моделирање, кое, Софија така мисли, ќе доведе до подобри решенија за Бугарија. До нова етничка, а можеби и територијална структура. Некои состојби во Македонија, особено злосторничкиот карактер и антимакедонска улога на вмро, без сомневање, ги засилуваат бугарските надежи.
Јас мислам дека слабеењето на Македонија може навистина да биде реален ефект на овие мерки, но не верувам дека тоа слабеење ќе оди во прилог на бугарските претензии туку во опасни геополитички престројувања со огромни ризици за сите. Не случајни беа американските предупредувања за стратегиските аспекти на интеграцијата односно на интеграциските процеси.
Се разбира, крупни парчиња од бугарските барања, особено во поглед на историските теми, се на место. Тие работи Македонија мораше да ги реши и да влезе во нужните катарзични процеси, сама, како резултат и показател на сопственото историско, политички и културно зреење.
Но, не можеме да измислиме доволен број Бугари за да ги внесеме во Уставот. Начелно не гледам зошто не би биле споменати, но барањето за интервенции во пописните резултати или обвинувањата дека некој ги спречувал Бугарите да се изјаснат како Бугари, за однародувачко кршење на човековите права на Бугарите, за некаква рахинџизација на Бугарите од страната на крвожедните Македонци кои, според Софија, се всушност однародени односно титоитизирани Бугари, тоа не се политички теми туку фантазми за свесно производство на политички проблеми и се на трагата на ставот дека идејата е да нема решение.
Можеби нерешавањето за Софија е решение.
Јас мислам лошо.
Многу лошо.
За нас, за нив и за Европа.