Александар Ѓорѓиоски, претседателот на СДММ Прилеп, преку објава на Фејсбук, ги демантираше лажните тврдења на потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Александар Николоски искажани на „Канал 5“ телевизија.
Николоски го обвини Ѓорѓиоски дека манипулирал со лицето Р.Т за кого има покренато кривична пријава поради закани за кандидатот за градоначалник во Прилеп, Борче Јовчески.
Ѓорѓиоски остро ги демантираше ваквите клевети и побара од надлежните да го расчистат случајот.
„Бруталните лаги и клевети, кои на вечерашното гостување на Канал 5 телевизија, кон мене ги упати потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, само го потврдуваат политичкиот очај во кој се западнати тој и нивниот кандидат за градоначалник на Прилеп.
Искажаните невистини на моја адреса, ги надминуваат сите црвени линии, сите граници на фер и коректна изборна кампања, за кои партијата чиј потпретседател е Николоски, декларативно се загала.
Со најголема индигнација и згрозеност ги отфрлам гнасните лаги на Николоски, под целосна морална и кривична одговорност тврдам дека немам никаква допирна точка со изнесените наводи.
Во насока на разоткривање на вистината, ги повикувам надлежните институции, веднаш, уште вечерва да поведат темелна истрага. Ги ставам на увид мојот телефон, мојот компјутер и се’ друго за што надлежните органи ќе утврдат за потребно.
Како млад човек, растен во средина во која семејните вредности секогаш биле грижливо негувани, воспитуван да ги почитувам возрасните и помладите од мене, и да бидам пример за добро однесување, никогаш не сум ни помислувал на било каков начин да бидам дел од вакви монструозни сценарија“, напиша Ѓорѓиоски на својот фејсбук профил.