Пред само седум месеци се водеа жестоки полемики и осамнуваа осудувачки објави на социјалните мрежи за пратениците кои гласаа со скафандери, најчесто на профилите на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Левица. На 18 април годинава, со 115 гласови „за“ пратениците ги изгласааа законските решенија за петтиот пакет мерки со кој ќе им даде парична помош на 20 илјади компании и околу 150 илјади граѓани погодиени од корона -кризата. Двајца пратеници позитивни на ковид -19 присуствуваа на седницата, во посебни изолирани простории, над салата, облечени во скафандери и визири на лицето со цел овозможување на кворум за гласање. Тогаш во скафандери гласаа Бисера Костадиновска Стојчевска од СДСМ и Мирослав Богдановски од ДОМ. Дојде да гласа и Снежана Калевска Ванчева, која истиот ден излегла од изолација.
Пред седницата, пратеникот Димитар Апасиев обвини дека претседателот на Собранието Талат Џафери направил кривично дело и дека го ставил во ризик целото Собрание да оди во карантин и истиот став го сподели и на социјалните мрежи и се закани со кривична пријава.
Апасиев му се обрати на претседателот на Собранието, Талат Џафери со зборовите „правите кривично дело“.
„До сега правевте театар од Собранието, но денеска направивте и кривично дело. Денеска во Собранието имаме двајца пратеници кои што се донесени спротивно на членот 11 од оваа одлука. Да е иронијата поголема, ова претставува кривично дело за кое не им важи пратеничкиот имунитет“, рече Апасиев.
И координаторот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски од собраниската говорница изјави дека тоа што се случило во Собранието било срамота и дека во ризик биле ставени сите пратеници.
„Дали има нешто човечко кај вас и не се срамите од ова што го правите ?“ праша Мицевски, кој посочи дека стравувал по неговата безбедност.
Следниот ден, на 19 април, Мицевски рече:
„Присуството на двајца позитивни пратеници, спротивно на сите законски норми по никоја цена не беше оправдано, а секој обид за нивно воздигнување во т.н. статус на херој е срамен и безобразен чин во очите на вистинските херои на оваа пандемија…За да се остварат таквите лични желби, се даде пример дека политичарите се над законите, а притоа во ризик беа сите вработени во Собранието, присутните претставници на медиумите како и пратениците, вели Мицевски.
Но, не помина многу време а Мицевски се најде во иста ситуација. Тој и неговата сопартијка и пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ Ангелинка Петкова се позитивни на ковид-19, а најавија дека ќе гласаат за (не)доверба на владата, со скафадери. Мицевски се повика на протоколот кој беше донесен од ЦЈЗ, а применет во Собранието.
„Ако се сеќавате, имаше и кривични пријави кои беа отфрлени и беше констатирано дека се е во ред“, изјави Мицевски за ТВ 24.
Но, прашањето е следно, независно од протоколи и анти-ковид мерки, како колегите претставуваа опасност по здравјето на другите, а самиот Мицевски не е опасност.
Прв случај суспектен на ковид 19 да гласа во Собранието беше Арбен Зибери од ДУИ, кон крајот на август 2020 година, додека чекаше резулти од тестирањето, поради симптоми на болеста, но не гласаше во скафандер, туку изолирано, во кабина. Тогаш се гласаше за избор на нова влада, предводена од СДСМ.