Борислав Сарафов, заменик јавен обвинител и директор на Националната истражна служба на Бугарија, денеска јавно посочи дека жртвите во трагедијата кај Перник починале од задушување, пренесува МЕТА.
„Аутопсиите се веќе готови и тие покажуваат дека сите настрадани во несреќата загинале од задушување од чад од избувнатиот пожар, а не од повреди при катастрофата или од разнесување од експлозија“, рече Сарафов.
Тој потенцираше дека се шират многу информации дека во автобусот се носеле туби со дизел. „Таа теза е испитана од нас и отфрлена. Пожарот не избувнал од нив“, рече Сарафов на денешната прес-конференција. Тој појасни дека се пронајдени три туби во кои имало остатоци од дизел, но тие не се запалиле.
„Сакам да отфрлам пред вас една верзија за терористички чин, која не ја посочив пред вас по инцидентот, но таа тема беше професионално истражувана. Зедовме ацетонски проби за експлозиви. Во комбинација со сведоци и оние што во првите минути се нашле таму, категорично ја отфрламе таа верзија. Не станува збор за терористички чин, но нашата работа бараше да истражиме“ нагласи Сарафов.
Според бугарскиот заменик-обвинител, доста шпекулативни теории циркулираат и на сите медиуми се појавуваат многу, како што ги нарече, „експерти и псевдо-експерти“.
„Во медиумите веќе гледам се појавуваат можеби 15-20 очевидци на несреќата, а всушност очевидец нема ниту еден. Затоа сакам сите тие дезинформации, тој тек на дезинформации да го прекинеме со објективно и професионално претставени факти за тоа што е откриено до моментов“, рече Сарафов.
Како што понатаму соопшти тој, досега се испитани двајца од преживеаните патници во автобусот и двајцата велат дека биле будни во моментот на инцидентот. Двајцата, според него, даваат исклучително точни искази и објективни информации за случувањата во трагичната ноќ.
„Испрашани независно еден од друг, исказите им се поклопуваат во потполност поради што ги сметаме за апсолутно веродостојни и коректно изложени“, рече Сарафов. Тој додаде дека во моментот се испрашуваат уште двајца од настраданите кои се во болницата „Пирогов“ и кои се во добра психичка, но не и физичка состојба и можат да ги дадат своите искази во текот на денешниот ден.
Според Сарафов, основната верзија за причините за несреќата во моментов е таа за човечка грешка. Да посочам уште нешто што вие медиумите го покажувате, односно верзијата за лоша патна сигнализација.
Според бугарските истражни органи сигнализацијата за движење на патот на кој се случи несреќата е лошо организирана. „Таа мантинела (банкина) во која удрил автобусот не е само погрешна, таа е опасна“, рече Маријан Маринов, истражител во бугарската Национална истражна служба и шеф на тимот истражители кои работат на случајот. Според истрагата, на местото на трагедијата има траги од сопирање и пред и по банкината, што значи возачот реагирал пред судирот со заштитната ограда.
„Од исказите на сведоците се гледа дека тој од непозната причина скршнал десно и се удрил во оваа заштитна ограда. Се претпоставува дека тој можеби малку згрешил и свртел десно на кривината за чешмата“, рече Маринов.
Тој и обвинителот Сарафов појаснија дека немало експлозија, имало само интензивно горење кое било предизвикано од „ефект на шмиргла“ кој се создал при ударот со што се создале искри преку кои се запалил резервоарот на автобусот кој се наоѓал во предниот дел.
„Има траги, возачот реагирал пред ударот со банкината, јасно во последен момент. Јасно е од исказите на преживеаните дека свртел десно и зализгал на таа банкина. Било темно и врнел слаб дожд. Ситуацијата е таква таму што можеби влегол во лесна заблуда да сврти во десно за накај чешмата“, појасни Маринов.
Истражителот дополни дека при несреќата 9 колчиња од банкината се откорнати и целата откорната банкина при увидот е пронајдена меѓу предната гума и предна врата на автобусот.
„Таму е резервоарот со нафта, кај скалите“, рече Маринов.
Тој дополни дека експертите ќе испитаат како точно се појавила искра и како се запалила нафтата. Според него, и двете врати од автобусот биле блокирани, односно предната била зафатена од пожарот а задната од положбата на автобусот.
Претставниците на бугарските истражни органи рекоа дека според сведоштвата на патниците бргу се појавил чад од десната страна, а автобусот се наполнил со чад.
Според досегашната истрага на бугарското обвинителство, предната врата во моментот на ударот била откорната, но иако немало врата, имало огромен пожар и неможело да се помине и од средна врата. Автобусот потоа ја удрил и левата банкина и задната врата била притисната од банкината со што патниците не можеле да излезат./МЕТА/.