Пред нешто повеќе од четири години одлучив секогаш со себе да си носам платнени ташни за пазарување, за да не морам да користам пластични ќеси. Таа одлука ја донесов затоа што веќе подолго време чувствував вина поради зголемување на количината на отпад создаден од пластични ќеси, чие разградување трае од 500 до 1000 години.
Розевата ќеса е подарок од пријателка на мајка ми, а белата ја имам уште од 2005 година, ја добив како дел од пакетчето за акредитирани новинари кои го покриваат „Макфест“.
Моето искуство со користење платнени ташни е и повеќе од позитивно. Тие се далеку поиздржливи од пластичните, а кога ги користам, знам дека придонесувам да е почиста не само околината, туку и мојата совест.
Се обидувам да го намалам мојот т.н. „пластичен отпечаток“, затоа што сметам дека е тоа моја одговорност како општествена чинителка која се грижи не само за сопствената, туку и за иднината на помладите генерации.
На еколошките прашања не треба да им пристапуваме со цинизам и релативизирање.
Одговорно и совесно еколошко однесување треба да бараме од големите компании и државата, ама и од себе како поединци.
Затоа што секој треба да придонесе да имаме почиста средина.
Фејсбук објава од Кристина Костова.