„Драг Еди, драг Александар, Отворен Балкан не само што не зближи како лидери на три соседни земји, туку за мене има и лична вредност, а тоа е огромното пријателство со вас двајцата. Чувајте го и развивајте го Отворен Балкан, а денеска сите видоа дека и мојот наследник, Димитар Ковачевски, подеднакво исто ќе биде посветен на овој процес, и лично верувам дека неговиот придонес големо освежување за овој процес.“, изјави премиерот Заев на заедничката прес-конференција со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Република Албанија, Еди Рама од Самитот „Отворен Балкан“ во Тирана.
– Во последните денови од мојот ангажман како премиер на Северна Македонија, огромни се честа и задоволството уште еднаш директно да учествувам и да придонесам во остварувањето на благородната мисија на иницијативата „Отворен Балкан”, истакна премиерот Заев.
Лидерите на трите земји од иницијативата „Отворен Балкан“, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Република Албанија и домаќин на Самитот, Еди Рама, заедно со нивните тимови, денеска во Тирана потпишаа пет договори кои беа најавени на промоцијата на „Отворен Балкан“ во Скопје во јули оваа година.
Ј. Ѓ.