ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски очигледно не се добро запознаени со Уставот и законите во земјата, вели во интервју за МИА лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, запрашан за тоа како ги гледа обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека новата Влада нема легитимитет.
„Новата влада не само што има легитимитет, туку има проширено и стабилно мнозинство во Собранието. Оттаму, Владата има полн легитимитет да ги носи сите одлуки и ја спроведува владината програма. Ваквите обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ се само недостиг на други аргументи против мене, исто како и сите пропратни невистини во нивните секојдневни соопштенија. Мене тоа воопшто не ме загрижува, сега сум целосно фокусиран да прикажеме резултат, а уште повеќе добро да ги изменаџираме сите кризи кои ни претстојат со цел економска стабилизација и развој. Тоа е одговорно владеење и однос кон граѓаните. Она што го прави ВМРО-ДПМНЕ е бескрајна злоупотреба на медиумскиот простор за сеење лаги, дестабилизација и влевање несигурност кај граѓаните“, истакнува Ковачевски.
Во однос на евентуалната соработка со ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски нагласува дека тој секогаш има подадена рака и додава дека политичките опоненти не смее и не треба да бидат непријатели.
„На крајот на денот, имаме иста и заедничка одговорност како политички чинители пред граѓаните. Но, според досегашните потези на ВМРО-ДПМНЕ, не гледам промена кај нив по однос на ова прашање и воопшто во однос на политиките. Да не заборавиме, ВМРО-ДПМНЕ веќе не е опозиција како што беше пред локалните избори. Тие моментално управуваат со половина од општините во државата. Одминуваат 100 дена од нивното владеење и може лесно да се види дека се што ветија во кампањата, излажаа. Ветија дека нема да има одмазда, а почнаа со отпуштања и деградирања уште од првиот ден. Се спроведува масовна партизација на секое ниво како единствен проект на сите градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. Ветуваа низа проекти уште во првите денови а од тоа нема буквално ништо. Градот Скопје е разочарување какво што не се памети во политичката историја на земјата. Блокирано и стопирано е се што е во интерес на граѓаните и започнато од претходната власт. Очигледно е дека кај ВМРО-ДПМНЕ не само што нема никакви промени, туку би рекол дека има сериозно назадувања по одредени прашања и политики. СДСМ ја следи нивната работа, реагираме и во јавноста и преку нашите советници за да се корегираат овие штетни одлуки, ќе направиме сe во интерес на граѓаните и општините.“, вели лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
J. Ѓ.