„Примарен фокус во следните три месеци ќе биде ставен на нашиот одговор на енергетската криза која е резултат на глобалните движења. За тоа веќе имаме подготвен план. Јас во кризата гледам шанса, да конечно како држава направиме енергетска транзиција и да фатиме нов правец за енергетска самостојност и самоодржливост. Ваквата транзиција ќе биде базирана на обновливи извори на енергија и темелот на идниот развој. Ова ќе биде една од главните преокупации на владата а првите одлуки ќе се донесат веднаш по нејзиниот избор“, вели во интервју за МИА лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Ковачевски нагласува дека Владата веќе подготвува антикризни мерки кои ќе дадат силен стимул за компаниите и ќе бидат поткрепа за семејниот буџет на граѓаните
„Што се однесува до директната поддршка за граѓаните и стопанството, подготвуваме сетови на антикризни мерки кои ќе дадат силен стимул за компаниите и ќе бидат поткрепа за семејниот буџет на граѓаните. Свесен сум колку се сите економски исцрпени од кризата предизвикана од Ковид пандемијата која сега се надоградува и со енергетската криза. Но, за тоа како Влада имаме одговор. Ние веќе имаме искуство со слични мерки во пандемијата кои според ММФ беа одлично димензионирани и со кои заштитивме повеќе од 60.000 работни места. Како тогаш така и сега, веќе работиме на тоа да дефинираме мерки преку кои најефикасно ќе се алоцираат средствата за санација и поддршка онаму каде е најпотребно. Во буџетот веќе има слободни 130 милиони евра и во наредниот период следуваат антикризни мерки за помош и на граѓаните и на стопанството“, истакнува Ковачевски.
Ј. Ѓ.