Во онлајн брифингот Амбасадорката на Украина во Северна Македонија Наталија Задорожњук изјави дека ситуацијата во Украина е исклучително напната и се извршува офанзива во големи размери од страна на руските вооружени сили.
„Ситуацијата во Украина е исклучително напната. Се извршува офанзива во големи размери од страна на руските вооружени сили од сите насоки. Украинските вооружени сили даваат решителен отпор на агресорот. Украина ги раскина дипломатските односи со Русија. Во Украина се одржува општа мобилизација. Во ова тешко време на нашата држава би сакала да им се заблагодарам за јасната и решителна поддршка на Украина на претседателот на државата, претседателот на Владата, претседателот на Собранието и на Министерството за надворешни работи. Го цениме приклучувањето на Северна Македонија во санкциите на ЕУ против Русија“, изјави Задорожњук.
Воедно амбасадорката се заблагодари на граѓаните на Северна Македонија за големиот број повици и пораки со поддршка за Украина и порача да бидеме обединети во ова тешко време за Украина и Европа
„Им благодарам на сите граѓани на Северна Мкедонија. Сега добиваме голем број на повици и пораки во знак на поддршка на Украина. Им благодарам на професионалните македонски медиуми за објективното информирање за ситуацијата. Сега во Украина се отвора активна работа за собир на помош на Украина. Ги повикувам македонските граѓани да дадат максимална помош на Украина во ова време. Да бидеме обединети во ова тешко време за Украина и Европа“.
М. А.