„Да се поттргнеме малку, да нè ни падне конструкцијата!”, на прес-конференција во шега рече архитектот Бујар Муча од архитектонското биро „Мегарон Инженеринг“, кој е проектант на реконструкцијата на Универзална Сала во Скопје.
Архитектот Муча рече дека воопшто не е точно дека објектот ќе им падне на скопјани врз глава.
„Вие рековте дека ќе падне објектот. Не знаете каква штета направивте. Јас хранам деца, други лица хранат деца од оваа фирма“ рече Муча и додаде дека тој смета дека проектот е добар со две позитивни ревизии и два позитивни извештаи од ИЗИС, како и позитивен извештај од професор на Градежен факултет.
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска претходно изјави дека проектот за Универзалната сала е небезбеден за скопјани и не може да ја гарантира нивната сигурност.
Во однос на обвинувањата од градоначалничката Арсовска дека објектот е небезбеден, претседателката на Собранието на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Искра Јанковска посочи дека кога некој ќе каже оти нешто е небезбедно треба да излезе со факти и да објасни зошто е небезбедно.
„Кога некој ќе каже дека нешто е небезбедно треба да дадете аргументи. Како архитекти се соочуваме со измени во градба. Постојат процедури со ревизии, одговорни лица, каде тие процедури се потврдуваат. Ве замолуваме да излезете со информации дека објектот е небезбеден и да кажаете која институција потпишала и кој го кажал тоа“ рече претседателката на собранието на Асоцијација на архитекти, Искра Јанковска Михајловска.
Од Асоцијацијата на архитекти на Македонија смета дека политичарите не смеат да кажуваат дека проектот за Универзална сала е небезбеден, бидејќи тие не се стручни и со тоа ја омаловажуваат струката.
Ј. Ѓ.