Украинскиот претседател Володимир Зеленски зборуваше со Здружените експедициски сили, каде уште еднаш нагласи дека понудиле начин на кој Украина ќе може сама да го заштити своето небо и својот народ.
„Најдовме начин на кој Украина ќе може сама да го заштити своето небо и својот народ. Би сакал сите да го слушнат ова, особено оние земји кои имаат граници со Русија. И правиме сè за да добиеме авиони. За да се добие воздушната одбрана“, рече Зеленски.
И на вчерашниот брифинг украинскиот министер за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во одговор на прашање од Фронтлајн, истакна дека најдоброто што НАТО алијансата може да направи е да ѝ обезбедат на Украина борбени авиони.
„Оружје и санкции. Ова е тоа што може да направи меѓународната заедница. Оружје за Украина, санкции за Русија. Ние сме многу отворени – ни треба значително зајакнување на нашите воздухопловни сили. Најдоброто што НАТО алијансата и НАТО државите можат да го направат е да и обезбедат на Украина борбени авиони што ќе ни овозможат да ја балансираме ситуацијата на небото. Затоа што најмногу страдаме од бомбардирањето на нашите градови од небото. Ова е најдобрата и најпотребната поддршка“, вели Кулеба.
Украинскиот министер за надворешни работи апелираше до сите држави кои имаат оружје произведено во време на СССР во нивните магацини, да ѝ го дадат на Украина.
Ј. Ѓ.







