пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Не издржа срце „јуначко“. Отиде Мицкоски кај Виктор Орбан во Будимпешта, отиде, велам, за да скубне малку авторитарен дух, малку авторитарна волја и малку авторитарна моќ од оние за кои ги смета на себе слични. Или што би рекле Старите Латини: истото на исто се радува.
Го видовме романтичното селфи на Христијан & Мицкоски и неговиот „идеолошки татко“ Виктор & Орбан. Што ни кажува ова селфи на двајца аздисани десничари: самата слика е бизарна од една страна, од друга страна, тоа е победа на Орбан, а не на Мицкоски. Ама Мицкоски сака да ни каже дека има другари на високи места во Европа, само што не сфаќа дека Виктор Орбан е еден од најнеомилените авторитарни лидери во таа иста Европа за која, нели, Мицко ни „тепа“ дека сака тамо да сме оделе.
Во секој случај, прилично контроверзно селфи, ама според природата и нивните меѓусебни својства, всушност ова селфи е „нормално“. Орбановата Унгарија од почеток, практично додека партијата ВМРО-ДПМНЕ беше власт во оваа земја, беше некоја врста на идеолошки покровител на Македонија (баш како што денес Груевски дреме во Будимпешта и од својата „скромна заштеда“ има купено стан или куќа во градот покрај Дунав); исто како и Хрватска и Словенија преку своите ултрадесни испостави персонифицирани во Карамарко и Јанша.
Не треба да бидеме скромни во ова „романтично селфи“ меѓу Мицкоски и Орбан, и треба да си кажеме јасно: Македонија има тенденција да стане вазал на Орбановата Унгарија, која уште на синоќешниот митинг Орбан рече дека Зеленски е негов противник, што во дополнителен превод ни кажува дека Орбан ја поддржува инвазијата на Русија во Украина. Добро, немам сомнеж дека сите тие ултрадесни ридикули имаат и понекој друг татко кој спремно ги чека на посвојување: сигурен сум дека и на двајцата потајно срцето им тропа за кремаљскиот хазјанин или оној несмасен и бахат насилник со катастрофална фризура што дури и Америка ја измести од својата матична планета.
Добро, кога веќе тоа го апсолвиравме, сега доаѓаме до централната приказана: дали Мицкоски навистина е проевропски човек? Ма, се разбира дека не е. Дури и во многу европски земји јакнат авторитарни, нелиберални, антидемократски, заедно со ксенофобијата и другите облици на неоконзервативни реконквисти. Но, сепак, посебно треба да се внимава на Орбан, бидејќи неговите врски со официјален Кремљ се тесни и широки, во зависност од потребата и во зависност од самиот момент.
Што дијагноза во конечноста ни значи ова селфи меѓу Мицкоски и Орбан? Прво, јас сум скептичен дека ова селфи воопшто се случило (присетувајќи се како Мицкоски лажеше дека има „селфи“ слика со Вучиќ пред некоја година), второ, и да е вистинито, Мицкоски ја гледа Македонија како вазал на Унгарија, во тоа немам никаков сомнеж. Што би значело тоа во пластичен превод? Па, исто како што беше и режимот со Груевски: по цел ден ќе се ломоти дека ние сме „проевропска“ држава, а внатре во земјата ќе се игра пиперевка според идеолошкиот образец на Орбанова Унгарија.
Што е тука нејасно, драги дами и господа? Кога вакви ќе се вљубат, таквите само себе се љубат, своите привилегии и своите слободи. Од толкава љубов за себе и својот задник се раѓа авторитаризам, популизам, цинизам… Што дополнително би значело: ќе биде гадно, ама ние ќе направиме да се чувствувате глупаво, тупаво и неупотребливо.







