пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Го гледав Димитар Апасиев кај Јанко „Јади бурек“ и, какви ми се впечатоците? Игроказ на еден куп меѓусебно поврзани реченци, дури има и предубедувања во нив со кои ни објаснува како ја гледа државата Македонија, односно „како малиот Хари Потер ги замислува реформските политики во училиштето за магии Хогвортс“?
Со досаден, детски и пискав глас, а на моменти со повишен ларингит, рапаво, да ни зазвучи доволно „машки“, довчерашниот бунтовник ни полага тест за невиност, бара сертификат за работите кои не се такви какви што се. Глуми лудило и нè убедува дека не ги познава луѓето кои беа главни виновници за сето бесчестие во ерата на груевизмот. Притоа, од интервјуто кај Јанко, гледам дека Апасиев има неконтролирана амбиција завиткана во биолошка старост, и само тој лично верува дека е млад, дека сите го сакаат и дека е невин!
Апасиев не е размазен од себе, туку од други. Дали се тоа некои опскурни структури во земјава, јас тоа не знам. Тоа што во минатото бил сиромашен студент, па што! И јас сум бил сиромашен и во минатото и денес, па што! Што докажува тоа ако некогаш си бил сиромашен студент? Што докажува тоа ако денес речеш дека си бил дете на работничка фамилија? Цела држава се деца и синови на работничка фамилија, таа работничка фамилија направи улици, изгради општини и градови, таа работничка фамилија успеа да (и)студира цели генерации… Но, се разбира, тоа не е главното прашање.
Главното прашање е следно: дали Апасиев се бореше против Груевски? Не. Дали беше дел од Шарената револуција? Не. Дали работеше на подривање на договорот од Преспа? Да. Дали работеше на атмосфера која создава перманентно антиваксерство? Да. Дали работеше на рушење на пописот? Да. Дали се виде со амбасадорот на Русија, земја која врши инвазија на Украина? Да. Дали Апасиев е за Европа? Не. Дали е отворен (и прикриен!) шовинист? Да. Дали мрази „шиптари“? Да. Дали сака да апси и одлучува кој ќе биде апсен? Да.
Заклучок – „Е, тогаш Апасиев за ништо не е крив“(?), тоа „наше“ левичарско бамби за ништо не е виновно. Не само што е убеден дека не е виновен, туку не убедува и нас во емисијата кај Јанко „Јади бурек“ дека треба да му се предадеме сите, во прегратка, да нè води, ама каде? У светла будучност, разбира се. Баш убаво. Да се наежиш од убавина.
На уште една точка ќе обратам внимание. Чисто феноменолошки: Апасиев за десницата е доброволна политичка метода, важен спиритус на радикализација на политичката игра, и личност, која без напор, претставува два неспоиви света. Јавна и тајна Македонија, лице и наличје на меѓусебно ужлебени и невозможни комбинации од закони и злосторства, жртви и џелати, правда и корупција, приватна политика и јавно опоравување. Така е преминат Рубиконот. За дечкото нема повеќе назад. Зошто го прави тоа што денес го прави? Тоа само ѓаволот го знае.
Приметувам уште еден детаљ: неприпремен за живот без ментор, со минато кое за него никогаш нема да престане, опкружен со сомнителни синекури и политичко-безбедносни структури, несреќен што неговите пароли, фрази и флоскули не прават никаква политика која има врска со паметот и животот, премногу слаб за династичка борба, а премногу „жежок“ за европјаните – на Апасиев му се ближи крајот на неговата кариера.
Неговата трагедија е што има кратко сеќавање, поточно нема никакво сеќавање. Него не го интересира смисла и добра политика, него го интересира спин, манипулација и бескрајни микро дискурси за кои и самиот нема појма што, по ѓаволите, зборува. Единствено што разбира е тоа што претставува канал на фрустрација од двете најголеми политички партии. И разбира дека фино е влезен во пари: ем не работиш ништо, ем мелеш кешарица.
Не е важно што Апасиев го влече надолу: дали неговата амбиција, идеологија или желбата да излезе од училишната клупа и отиде во универзитетскиот двор, а таму маса студенти го извикуваат неговото име:
Димче, докторе, пред да нè оперираш дај ни анестезија!