Ромите се повеќе од само гласачи, Ромите не се граѓани од втор ред и не заслужуваат внимание само еден ден во годината, Ромите се важни исто како и другите народи во државата, вели активистката Алмира Кагури за Фронтлајн, по повод Меѓународниот ден на Ромите.
Денес се одбележува денот на Ромскиот народ – народ измачуван, убиван, отфрлан, дискриминиран но сепак издржлив, храбар и борбен за своите права и слободи, изјави Кагури.
На 8ми Април го прославуваме Меѓународниот ден на Ромите кој е официјално прогласен за Меѓународен ден во 1990 година на Светскиот конгрес на Меѓународната унија за Ромите во Полска. Денес се одбележува денот на Ромскиот народ – народ измачуван, убиван, отфрлан, дискриминиран но сепак издржлив, храбар и борбен за своите права и слободи. Народ со свој јазик, знаме, култура и традиција. РОМИ – тоа е нашиот назив, секој друг збор за нас е неприфатлив и навредлив.
Таа истакна дека соработката со општината и градоначалникот е од исклучителна важност за активистите на локално ниво и дополнително придонесува за поттик и мотивација кај младите Роми за вклучување во активностите и заедничка борба за интеграција во општеството.
Во општина Дебар организираме настан на кој присуствуваше и градоначалникот г-дин Хекуран Дука кој додели пофалници на ученици од основното и средно училиште во општина Дебар. Соработката со општината и градоначалникот е од исклучителна важност за нас како активисти на локално ниво и дополнително придонесува за поттик и мотивација кај младите Роми за вклучување во активностите и заедничка борба за интеграција во општеството и креирање на здрава и просперитетна иднина на младите Роми во нашата општина.
Кагури потсети на долгогодишната борба на Ромите и нагласи дека мора да се рамноправни со другите народи, дека не се важни само како елекоторат, за време на избори.
На овој ден потсетуваме на долгогодишната борба на Ромскиот народ за подобар и подостоинствен живот. Борбата против дискриминацијата, сегрегацијата и расизмот. Испраќаме јасни пораки дека Ромите се повеќе од само гласачи, Ромите не се граѓани од втор ред и Ромите не заслужуваат внимание само еден ден во годината, Ромите се важни исто како и другите народи во државата. Нека е честит и вековит 8ми Април – Меѓународниот ден на Ромите. Bahtalo 8to April ! Opre Roma !
М. Ацковска