Заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковка и нејзиниот тим и членовите на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) и нивниот тим, предводени од претседателката Билјана Ивановска, денеска и утре учествуваат на заедничка работилница чија цел е споделување на искуства и подобрување на соработката меѓу двете институции.
Како што информираат од Владата на Северна Македонија, целта на работилницата е да се зајакне соработката меѓу Кабинетот задолжен за политики за добро владеење и Државната комисија за спречување на корупцијата, имајќи предвид дека двете институции имаат исти заложби, односно да се направат позитивни промени-корупцијата да се превенира, но и да се креираат долгорочни одржливи системски решенија.
Свои презентации за работата одржале вицепремерката Грковска, како и претседателката на ДКСК Ивановска.
И Грковска и Ивановска образложиле дека меѓусебната соработка и комуникација е клучна во процесот на градење на одговорни и отчетни институции кои треба да им служат на граѓаните.
Предавачи на работилницата се Сузане Хедин, консултант за комуникации, Лена Андерсон, лидер на компонента на ЕУ – Подобрување на превенцијата и борбата против корупцијата, Крис Хеншо, консултант на ЦЕП/УСАИД.
Работилницата се одржува под покровителство на Проектот на УСАИД за граѓанско учество./МИА/