Продолжува сагата на родителите коишто имаат деца коишто се запишани во градинките во Карпош, а според адреса на живеење се од други општини, и до 10 јуни мора да бидат испишани. Во мејлот којшто пристигна во редакцијата на ФРОНТЛАЈН пишува дека родителите веќе добиле инструкции за испис на децата, но повторно апелираат до надлежните институции и градоначалниците на Карпош и Ѓорче Петров да се излезе во пресрет и да се најде решение за статусот на овие дечиња.
„Би сакале да побараме од сите инволвирани страни да излезат и дадат предлог решение, зашто она што го видовме изминатите денови беше нафрлање на други проблеми што ги има секоја општина со цел да се одвлече вниманието на реалниот проблем, а тоа е безпрекулозното испишување на децата од градинките…Ќе си подмириме финансиски сè што должиме, но доброволно да пополниме документација, за жал, нема да го направиме тоа. Ова се прави кога две страни договорно се одлучуваат за раскин на договор, во овој случај едната страна носи одлука“, пишува во реакцијата на родителите.
Според родителите, најдобро е сите инволвирани страни да седнат на маса, да се договорат што и како понатаму и потсетуваат дека сите народни претставници се поставени да наоѓаат решенија за проблемите на оние коишто што ги довеле на таа позиција, а тоа е народот.
„МТСП изминатите денови изјави дека не е педагошка мерката и воедно предупреди на кршење права и обврски согласно потпишаните договори, па би сакале да ја искористиме приликава и ги прашаме што планираат да преземат во врска со тоа, зашто очигледно планот на општината е да го направи токму тоа“, пишува во реакцијата на загрижените родители.
Од Општина Ѓорче Петров, минатата недела сопштија дека се свесни за недостатокот на капацитети во градинките и дека интезивно се бара решение.
„Во Ѓорче Петров над 500 деца се на листа на чекање во градинките. Приемот во градинка се одвива по пат на електронска пријава и процесот во целост се почитува. Сите 5 објекти на градинката „Росица“ се со капацитет од 730 деца. Во моментов се згрижени 805 деца со одлука на Совет за зголемување на бројот во групите.
Од Министерството за труд и социјална политика во одговор за Фронтлајн посочија дека „не е педагошки децата кои веќе ги посетуваат градинките да се отстранат од воспитните групи и од градинката, а општината Карпош може да ограничи прием и упис на нови деца од други општини“.
„Бидејќи децата кои се примени во предучилишните установи во општина Карпош, а се од други општини, уредно се примени од страна на јавните установи за што родителите и установите склучиле важечки договори, веќе посетуваат градинка подолг период некои и од раѓање, и сметаме дека не е педагошки да се отстранат од воспитните групите групи и од градинката, а општината Карпош може да ограничи прием и упис на нови деца од други општини“, пишува во одговорот на МТСП за Фронтлајн.
Според одлуката на Општина Карпош, поради големиот број на деца од други општини, од коишто најмногу, над 200, според градоначалникот Стевчо Јакимовски, се од Општина Ѓорче Петров, нема да биде дозволено запишување во градинките на територијата на Карпош, затоа што во оваа општина за упис чекаат над 300 деца коишто живеат во Карпош.
Исто така, во одлуката се вели дека веќе запишаните деца кои посетуваат градинки во Карпош, а се со адреса на живеење во друга општина, до 10 јуни треба да бидат отпишани. Јакимовски рече дека нема намера да ја менува одлуката.
Во меѓувреме, останува нерешен и неизвесен статусот на оние дечиња кои од 10 јуни нема да можат да ги посетуваат ниту градинките во Карпош, а ниту во Ѓорче Петров, а листите на чекање за упис се долги и во двете општини.
И. Т. Зaфировска