Делегација составена од претседателот на СДА на Македонија, Џелал Хоџиќ, градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу и пратеникот во македонскиот парламент, Зеќир Рамчиловиќ, положија цвеќе на споменикот на жртвите од геноцидот во Сребреница , во паркот во општина Чаир, во Скопје и на овој начин се одбележа 11 јули – Денот на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница, известуваат од СДА Македонија.
Во своето кратко обраќање, Хоџиќ, Ганиу и Рамчиловиќ им оддадоа искрена почит на жртвите од геноцидот во Сребреница, како и на нивните семејства. Беа испратени пораки дека секојдневно се сеќаваме на жртвите на геноцидот, дека во цивилизираните земји геноцидот во Сребреница е дел од институционалната меморија и дека во цивилизираниот свет не е прифатливо да се негира геноцидот.
„Општина Чаир уште еднаш покажа дека има смисла и го почитува својот мултиетнички карактер и дека припадниците на другите етнички заедници, Албанци, Македонци, Турци, Роми и други, денеска рамо до рамо со своите сограѓани Бошњаци, се сеќаваа на жртвите од геноцидот во Сребреница и нивните семејства на 11 јули“, истакнуваат од СДА Македонија.