Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска се пофали дека започнале со реконструкцијата на пешачките патеки во првиот дел од Градскиот парк.
Од она што може да се види од приложените фотографии од Град Скопје, Арсовска започнала со „бетонизација“ на патеките околу местата кои се со намера оставени за да „дише“ просторот околу парковското зеленило.
На социјалните мрежи веќе се коментара за оваа скандалозна акција на градоначалничката.
„Ги асфалтираат земјените патеки, оние неколку што се намерно оставени неасфалтирани од пред 100+ години?!
Ејјј го асфалтирале :(((( мајкооо!
Ова како да е поправен часовникот на железничка.Господе боже како им текнев овакви глупости…
Град Скопје зошто го асфалтирате паркот? Мене стварно не ми е јасно од каде овие “креативни” предлози. Лошо, многу лошо.
На Скопје му се повторува бетонизација. Битно се (к)гради. Ова ли е за фалење?!
Таман си е сега паркот за секаде со коли и мотори да се вози! Сега немаат никакви пречки!“, се дел од кометарите на социјалните мрежи.
И на официјалната Фејсбук страница на Град Скопје под објавата, не стивнуваат коментарите на загрижените граѓани.
„Луѓе, идете контра здрав разум. Во Холандија вадат плочки од тротоари затоа што загреваат. Остатокот од Европа врие на температуриве затоа што цели градишта и реони со патна мрежа им се под асфалт. Немојте да си (ни) пукате во бут со вакви глупости никогаш повеќе.
Ама зошто асфалт на патеката во која уживаа децата.
Ама ова не е во ред! Во паркот се оди за да се избега од асфалтот, бетонот и бучавата. Има посоодветни решенија за обложување на патеките (пермеабилни бетонско-асфалтни смеси, перфорирани бекатонски плочи и сл.) кои обезбедуваат оддишка на врелата земја во летниот период и овозможуваат брз продор на дождовната вода при поројни врнежи. Плус, не мирисаат на катран“, реагираат граѓаните.
Ј. Ѓ.