Новата сезона во Серија А започнува за неполн месец, а очекувањата на Јувентус во следната сезона од Душан Влаховиќ ќе бидат огромни. Српскиот репрезентативец во интервју за Газета дело спорт откри дека е свесен што се очекува од него, пренесува Спорт клуб.
„Јувентус и јас имаме ист менталитет – никогаш не се откажуваме, веруваме дури и кога сè изгледа изгубено“. Тоа е мојата филозофија, како и филозофијата на клубот. Сите знаеме што претставува овој клуб во Италија, чест и задоволство е да се бранат овие бои“, изјави Влаховиќ.
Напаѓачот летото пристигна од Фиорентина во Јувентус за 80 милиони евра и оттогаш одигра 21 натпревар на кои постигна девет гола и две асистенции. Солиден настап, но многу повеќе ќе се бара од него следната сезона, каде предизвикот за титулата е голем.
Сакам да влезам во историјата на Јувентус. Тимските голови се поважни од личните, најважно е Јуве да победи. Сакам скудето и 30 гола. Но, најважни се победите. Сè поминува, останува само успехот, вели Влаховиќ.
Летово во Торино пристигна Анхел Ди Марија, кој се очекува да соработува со Влаховиќ.
„Кога слушнав дека доаѓа, веднаш помислив колку голови и асистенции можеме да постигнеме заедно бидејќи сакам и јас да му асистирам. Анхел долго време игра на високо ниво, тој е еден од најдобрите крилни играчи во последните 20 години и беше одличен каде и да играше. До неодамна ги гледав овие шампиони на телевизија, а кога бев дете сонував да играм со нив. Треба да се сретнам со Ди Марија за да се разбереме подобро, но сигурен сум дека нема да биде тешко. Играше со одлични напаѓачи, морам да го прашам како да се движи за да ме најде“, истакна српскиот репрезентативец.
Влаховиќ зборуваше и за својот сонародник Новак Ѓоковиќ.
„Мислам дека не сме исти. Не го познавам лично, но ми честиташе кога пристигнав во Јувентус. Тој е пример, има луда ментална сила. И јас играв тенис, би било убаво да не посети во Торино за да размениме неколку шутеви“, изјави Влаховиќ.