АЦО ЛУКАРОСКИ
Една мала анализа на резултатите од изборите во Тетово открива интересни моменти.
1. И покрај бруталната кампања од страна на повеќето медиуми против СДСМ во изминативе неколку месеци, бројот на советнички места за ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ остана непроменет, а предноста на ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ во апсолутни бројки дури и се намали.
2. Континуитетот на пад на бројот на гласови на ВМРО-ДПМНЕ за советничките листи во Тетово продолжува.
Во 2013 г. имаа 7.324 гласови.
Во 2017 г. имаа 5.903 гласови.
Во 2021 г. имаа 4.052 гласови.
На вчерашните избори имаа 3.332 гласови.
Уште два пати да има избори, ќе отидат и во минус!:)
3. Пад во бројот на гласови е забележан и кај Левица. Во однос на ланските избори во Тетово, партијата на Димитар Апасиев изгуби повеќе од 30% од гласовите. Се разбира, во новиот Совет ќе имаат нула советници. Заедничко за ВМРО-ДПМНЕ и Левица е тоа што овие две партии во борба за гласови се ставија во вештачка одбрана на идентитетот и јазикот. Лажниот патриотизам и приказните за присвојување на Цар Самоил очигледно не врват веќе кај граѓаните.
4. Кај 5-те најголеми партии со мнозинство Албанци, најслаб резултат има Алијансата на Села. Помалку од сите други (Беса, ДУИ, ДПА и Алтернатива). Од близу 4.000 гласови на претходните избори (тогаш заедно со Алтернатива), вчера за Алијансата гласаа само 777 гласачи. И ќе бидат единствена од ‘албанските’ партии без советничко место во новиот Совет. Вистинско фијаско за Зијадин Села, којшто на ниво на држава претендираше да биде замена за ДУИ во некоја идна власт. Вчерашниот дебакл (ќе) им направи многу штета.
5. Сумирано, Беса и ВМРО-ДПМНЕ со вкупно 16 советници обезбедија мнозинство во новиот Совет, но тоа мнозинство од само 1 советник ќе значи многу тешко функционирање и можни се многу чести блокади во работењето на Советот.
Текстот е личен став на Авторот.