Саемот на вино, храна и туризам на Отворен Балкан во Белград е одлична можност за промоција на македонското вино и развој на винскиот бизнис, вели премиерот Димитар Ковачевски во својата Фејсбук објава.
„Драго ми е што дури 42 македонски винарски визби ќе ги изложат своите врвни македонски вина и производи. Саемот е одлична можност за вмрежување со потенцијални купувачи и компании од преку 200 земји од светот“ – пишува Ковачевски.
Тој го сподели и податокот дека Северна Македонија просечно годишно произведува околу 100 милиони литри вино со врвен квалитет и автентичен македонски вкус.
„Со поддршката која изминатите години ја даваме за македонските лозари, успеавме да обезбедиме зголемување на потенцијалот двојно“ – пишува во истата објава на социјалните мрежи.
Заклучно со август 2022 година, во земјава има вкупно 139 македонски винарски визби, со вкупен капацитет од околу 200 милиони литри.
„Продолжуваме да напредуваме на листата на најголеми извозници на вино во светот! Географската должина на Северна Македонија е идентична со најдобрите вински региони во светот – ние инвестираме и го користиме тој потенцијал!“ – напиша премиерот Ковачевски.