пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Наместо да се залагаат за пријателство со соседите, јакнење на независните институции, Мицкоски ќе го вади партиското членство на референдум така што, прво, ќе се обиде да докаже дека тие се експлицитно против Договорот со Бугарија од 2018 година, и второ, да докаже по милионити пат дека се и против животот како таков.
Претпоставувам дека на сите ни е јасно: Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ нема да ја бараат својата шанса во комплицираните геополитички релации во регионот и светот, туку својата шанса ќе ја бараат овде и сега – не во историјата, за тоа чиј е Гоце Делчев или цар Самуил – за такви керефеки нив совршено ги заболе онаа работа; Мицкоски и „светата партија“ ќе ја бараат својата шанса на терен, во политичко-финансиско-пропагандната војна која се случува „овде и сега“.
Ако добро прочитавте, сигурен сум дека ја приметувате хиперинфалцијата на историското „овде и сега“? Играта која Мицкоски ја наметнува „овде и сега“ со референдумот ќе биде уште повалкана и уште поодвратна. Сега се поставува прашањето, каде понатаму, пријателе? Но, хиперинфлацијата на историјата никогаш не изненадува: ако сè е историско, тогаш ништо не е историско. Сè е „овде и сега“.
Мицкоски синоќа во партиските простории изјави дека ќе оди на референдум откако претходно заседавал Извршниот комитет каде што се донела одлука за, внимавајте, „граѓанска иницијатива за собирање на потписи за распишување на референдум“. И на крајот, вели Мицкоски: „на оваа иницијатива првопотпишан ќе бидам јас“.
Не знам дали приметувате, мора сè да биде во неговото јас, а пред неговото јас не постои ништо друго. Дури, се изгуби и онаа почетна нарација која вели, „донесовме одлука за граѓанска иницијатива…“ Сè пропаѓа, сè исчезнува пред неговото „првопишано јас“. Тоа е систем, поточно тоа е мотив што е многу индикативен.
Добро, да појасниме: референдумското прашањето кое го смислил Мицкоски со неговото апсолутно „јас“ е класичен силогизам, мистификација, тафтологија која ќе биде производ на бројни и произволни тумачења, манипулации и пропаганда, затоа што прашањето во конечноста не е јасно. Прашањето е двосмислено и тросмислено. Поточно, прашањето е долго и идиотско. А штом прашањето е долго и идиотско, кавгите и конфликтите ќе бидат јасни, брзи и динамични. Прашањето е нов параван за сите антагонизми кои ќе бидат присобрани во следните три месеци, значи не во историјата, туку на терен, „овде и сега“.
Да не се лажеме, срамота е и возрасни луѓе сме. Овој референдум што се најавува е бегство од одговорност, поточно, овој референдум е против Европската Унија, демократијата и човековите права. Овој референдум е ништо друго освен политички цинизам на Истокот. Така е срочено прашањето така што вие едноставно, како бирачи, реално, немате појма што од вас се бара.
Да резимираме. Го слушнав Мицкоски, ги слушнав неговите ставови синоќа: зборуваше со бес, во бунило и под паника. И добро, некој ќе рече, што е тука нешто ново? Нема ништо ново затоа што Мицкоски не е државник, не е искрен, и одработува нечии сценарија. Чии сценерија одработува, за тоа имаме назнаки ама немаме потврди. Што јас мислам за иницијативата за референдум?
Потполно е неважно што тие луѓе ќе изгласаат. А зошто сум толкав дефетиста, сега ќе ви објаснам.
ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која душа дава за авторитарност, популизам и најмрачни манипулации. И да бидеме на чисто: утре да влеземе во Европа, утре да ни рече Бугарија „ние ќе бидеме ваши робови додека има свет и век“, утре да ни речат западните сили – ќе ви дадеме стотици милијарди евра за тоа што вие сакате, ви тврдам, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде против. Ќе произведува кризи, полувонредни состојби и ќе дистрибуира брашно и зејтин за гласови. Да завршам. Ако таа партија сака да биде подобра и некогаш успее да дојде на власт, ако баш толку многу сака да биде власт, најпрво мора да се промени себе, а не Македонија.
Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.