„Одземањето на лиценцата на БЕГ не значи дека тие не оперираат. Сѐ додека не почне нов економски оператор, БЕГ мора да ја испорача јавната услуга. Граѓаните треба да се сигурни дека кога ќе се исполнат условите за почеток на грејна сезона, топлинската енергија ќе се испорачува“ – рече вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, во „Вин-вин“ на Телма.
Тој додаде дека постои технички договор меѓу ЕСМ и БЕГ од оваа година со кој се решава испораката на топлинска енергија во Скопје.
„ЕСМ нема да купува топлани во овој момент. Не сме на пазар, треба да се започне процедура, да се направат анализи и во законска процедура да се преземе таа сопственост. Закуп е единствената опција во овој момент“ – изјави Битиќи во врска со информациите за нудење на продажба на топланите од страна на „Адора“ на државата.
Вицепремиерот додаде дека веќе има позитивни сигнали за подготвеноста за закуп, а дури потоа би се разгледувале можностите и законските процедури за купување.