СДСМ со одговорни, државнички политики ги остварува македонските стратешки, национални цели, поставени уште од независноста. Станавме членка на НАТО и започнавме преговори со Европската унија, со заштитен македонски идентитет, посебност и јазик. Во моментов имаме 45 отсто усогласено законодавство со ЕУ, имаме преговарачка структура, главен преговарач, со реална цел до 2030 година да бидеме полноправна членка на Унијата, изјави денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа нагласи дека „во време на глобална и економска криза, владата предводена од СДСМ презема навремени мерки за обезбедување на храна и енергенси како и заштита на стандардот на граѓаните, додавајќи дека „додека СДСМ води државнички политики за граѓаните, гледаме опструкции, блокади, сопки од криминалната ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски“.
Фатени со рацете во медот, за тендери вредни над 136 милиони евра само се потврдува дека за ВМРО-ДПМНЕ и шпицниот градоначалник се важни само личните и бизнис интереси. Затоа се сите опструкции, блокади, кочење на државата и работата на Собранието, истакна Кузеска на прес-конференцијата.
Портпаролката на владејачката партија потенцира дека „ВМРО-ДПМНЕ беа против Преспанскиот договор и зачленувањето во НАТО, сега се против ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ, заедно со својот проруски партнер Левица се обидува да го запре процесот на евроинтеграциите“.
Не бираат средства и начин, па макар тоа било на сметка на стратешките интереси на земјата. За нив се важни само парите, провизиите и личното богатење. Ништо не се менува во ВМРО-ДПМНЕ, тоа е истата стара, нереформирана и криминална партија, вели Кузеска.
Според неа, „СДСМ нема да дозволи блокада на државата, продолжуваме по европскиот пат. А на криминалната ВМРО-ДПМНЕ треба да им е јасно како ден: секој што го прекршил законот ќе да одговара пред надлежните правосудни институции“.