Ураганот Ијан можно е да предизвикал „значителна“ загуба на животи на Флорида и да стане најсмртоносниот ураган што некогаш ја погодил јужната американска држава, изјави денеска американскиот претседател Џо Бајден, пренесува МИА.
Тој рече дека бројките се уште не се јасни, но дека доаѓаат првите информации за човечки загуби, кои би можеле да бидат „значителни“.
Тоа би можело да биде најсмртоносната катастрофа во историјата на Флорида, рече Бајден за време на обиколката на просториите на Федералната агенција за управување со катастрофи (ФЕМА).
Ветровите денеска се зголемија на речиси 110 километри на час, што е малку под силата на ураганот, при посилни налети.
Ураганот Ијан повторно зајакна и денеска ќе се приближи до брегот на Јужна Каролина, објави Националниот центар за урагани (НХЦ).
Ијан, кој ослабна до тропска бура откако ја опустоши Флорида, сега е оддалечен околу 540 километри од Кејп Феар, Северна Каролина, а ветровите дуваат со брзина од 120 километри на час.
„Ијан може малку да зајакне пред да стигне до копното, по што се прогнозира брзо слабеење над југоисточниот дел на Соединетите Американски Држави од петок до сабота“, се додава во извештајот на центарот со седиште во Мајами.
Се очекува Ијан да стигне на копно околу 14 часот по локално време во петок, северно од Чарлстон. Издадено е предупредување за ураган за крајбрежната област долга околу 370 километри, од границата на Јужна Каролина и Џорџија сè до Кејп Феар во Северна Каролина.
Гувернерот на Северна Каролина Рој Купер ги повика жителите да ги „преземат неопходните мерки“ и предупреди на можноста од поплави, лизгање на земјиштето и торнада. „Бурата е сè уште опасна“, рече Купер.
Ураганот Ијан ја погоди Флорида во средата попладне како ураган од четврта категорија, со максимални ветрови од 150 милји на час, предизвика поплави и бури во Флорида, оставајќи два милиони луѓе без струја.