Наследството на Конески е темел на македонскиот јазик, а со тоа и темел на македонскиот идентитет и култура. По примерот на Конески, се грижиме за македонскиот јазик, низ дела!, вели премиерот Димитар Ковачевски во дел од обраќањето на 7.Отворени денови кои од денеска до петок ги организира Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
„Денес, македонскиот јазик е официјализиран, после Обединетите Нации – и во Европската Унија. Само пред неколку дена, Советот на ЕУ ја усвои одлуката за потпишување на ФРОНТЕКС договорот на чист македонски јазик. Нема какви било додавки, нема какви било ѕвездички – на чист македонски јазик!“,
Воедно, Владата ја поддржа дигитализацијата на сите картотеки, со пет милиони единици, во Институтот за македонски јазик.
А, во Институтот, по 24 години, се вработуваат 17 млади луѓе, од кои 13 научници, магистри и доктори на науки. Ова е вистинска грижа за македонскиот јазик. На сите нововработени им честитам и им посакувам успешна работа по стапките на Конески, Димитровски, Стаматоски, Корубин“, истакнува премиерот Ковачевски.